Голем револт владее во јавноста откако во медиумите осамнаа фотографии, видеа и стории за флагрантно кршење на полицискиот час и мерките за заштита и спречување на ширење на коронавирусот Ковид 19 во општини со најголем број заболени, меѓу кои е Чаир во Скопје. Таму, како и во десеттина други општини од четвртокот на сила беше 80-часовна забрана за движење, која не само што не се почитуваше, туку и прекршителите минуваат неказнето. Тоа најдобро го отсликува овој сегмент од прилот на телевизијата Телма која сними како во полициски час граѓани си пазарат во локален маркет покрај кои мирно стојат неколкумина полицајци.

Во Охрид, пак, изминатиот викенд паднаа повеќе кривични пријави против станоиздавачи и угостители поради непридржување до мерките и протоколите за заштита од Ковид 19. Тие се соочуваат со сериозни казни кои треба да ги утврди судот на предлог на јавен обвинител. Во интензивните контроли на охридската ривиера вклучени беа пазарни инспектори од повеќе други градови, на кои им асистираше полицијата.

Владата на предлог на Комисијата за заразни болести минатата недела донесе одлука за воведување целосна рестрикција на движењето во повеќе општини и главниот град Скопје, што беше причина голем број граѓани за продолжениот празничен викенд да се упатат кон Охрид и другите туристички места. Најголемиот дел од нив во Охрид беа сместени во сопствени викенд куќи и станови, а мал дел кај станоиздавачи, што е спротивно на законот, за што се поднесени повеќе кривични пријави.

Во меѓувреме министерот за здравство Венко Филипче најави дека денеска ќе се разгледува можноста за олабавување на рестриктивните мерки, вклучително и за хотелите и сместувачките капацитети. Тој истакна дека не гледа проблем што граѓаните патуваат од место во место, се додека ги почитуваат протоколите и мерките за заштита и спречување на ширење на коронавирусот. Додаде дека граѓаните ќе треба да се навикнат да живеат во услови на пандемија и дека најважно од се е да се држат до препораките, односно да носат маска, да се дистанцираат и да не се групираат, редовно миење на рацете и дезинфекција.

Сепак, останува голема дилема зошто надлежните институции се уште не ги имаат подготвено и објавено протоколите за сместување во регистрирани сместувачки капацитети, дотолку повеќе што и за нив било очекувано луѓето повеќе да патуваат овој период, како што кажаа, но и ако се има предвид дека туристичките дестинации во опкружувањето од поодамна го направија тоа.

Локалната економија во Охрид, а пред се туристичко-угостителскиот сектор е меѓу најпогодените од здравствената криза, која не се очекува да биде надмината брзо. Оттаму туристичките работници со право очекуваат освен казни да има и конкретна помош, како и соодветни протоколи за организирање на работата кои ќе нудат решенија што ќе придонесат за заздравување на туризмот и заштита на здравјето на граѓаните.

Г.М.