Министерството за внатрешни работи ја реализираше оперативната акција „Лотос“, при што беше сузбиена криминална структура од подрачјето на Велес чиј организатор освен што и самиот продавал наркотични дроги на уживатели и дилери, воспоставил и мрежа на препродавачи низ повеќе градови во Македонија. Имено кон крајот на 2015 година, по добиени оперативни сознанија за лица кои препродавале наркотични дроги хероин и марихуана, како и синтетичка дрога амфетамин беа преземени мерки и активности за обезбедување на материјални докази.

– Во рамки на ацијата беа извршени претреси во дом на 24 локации кај исто толку лица, од кои 11 на подрачјето на Велес, четири  во Скопје, три во Свети Николе, две во Кочани и по еден на подрачјата на Штип, Кавадарци, Гевгелија и Струга.  При претресите беа пронајдени и со потврда одземени околу 5500 евра,  околу 100 грама хероин, 160 грама смеса од кофеин и парацетамол, ваги, како и паковки хероин и марихуана спремни за продажба, информираат од МВР.

По преземените мерки беше утврдено дека 40 годишно лице од Велес кое се јавува во улога на организатор од засега непознати лица набавувал хероин и марихуана кои во својот дом ги препакувал во помали количини и по претходен телефонски договор ги продавал на лица дилери и уживатели на дроги на договорени средби во повеќе градови и тоа за цена од околу 1000 денари за грам хероин и 500 денари за паковка марихуана. Исто така првоосомничениот кон крајот на 2015 и почетокот на 2016 година организирал мрежа на препродавачи и посредници при што ангажирал уште три лица сите од Велес да вршат продажби на хероин и марихуана со цел стекнување со противправна имотна корист. Лицата по добиените инструкции и по извршената продажба на дрогата дел од заработката ја задржувале за себе, а поголемиот дел му ја носеле на првоосомничениот во неговиот дом.

OhridNews