Изминативе денови во градинка во скопската населба Карпош регистрирана е појава на вироза предизвикана од „Коксаки  тип А“ вирусот. Од општината информираат дека вирозата првпат е констатирана во понеделникот кај две дечиња од јасли (возраст од 0 до 8 месеци), а во вторникот се пријавени уште три случаи, кај две деца од јасли и едно во групата до 3 години, додека вчера и денеска нема појава на ниту еден случај со ваква вироза. Констатирано е дека не станува збор за алармантна состојба и дека се испочитувани сите мерки пропишани со протокол за одржување на санитарно-хигиенска состојба. По увидот, постапено е по сите дадени упатства, односно преземени се сите мерки за целосна дезинфекција на детската градинка“, велат од општината.

Што е коксаки?

Коксаки вирусите се едни од најмалите ДНК-вируси што можат да предизвикаат разни заболувања кај луѓето, особено кај децата. Постојат два вида на овој вирус – тип А и тип Б. Вирусот коксаки од типот А е многу посилен според дејството. Вирусот од тип Б, иако според дејството е послаб, се смета за потенцијално поопасен бидејќи може да го нападне срцевиот мускул и да предизвика инфекција со тешки и долготрајни последици.

Коксаки од тип А се нарекува и болест на рацете, стапалата и устата, додека вирусот од тип Б најчесто предизвикува главоболки, треска, болки во стомакот и белодробни тегоби. И двата вида коксаки можат да предизвикаат и менингитис (воспаление на мозокот), миокардитис (воспаление на срцевиот мускул) и перикардитис (воспаление на срцевата обвивка).

Коксаки се пренесува единствено преку фекално-орален пат, па затоа и се нарекува „болест на нечисти раце“. Вирусите се излачуваат преку столица и се внесуваат орално (преку уста), односно преку нечисти раце кои не се добро измиени при случаен допир на фецес или столица во која ги има. Тоа најчесто се случува при менување пелени, чистење детски нокшири или тоалетни школки.

Не значи дека ќе се разболи секој што ќе дојде во контакт со коксаки вирусите. Над 90 отсто од инфекциите со коксаки поминуваат без никакви симптоми, и во тие случаи се работи за клинички неманифестирани инфекции. Но, инфекции од овие вируси предизвикуваат менингитис, миокардитис и перикардитис. Тие може да се развијат кај пет до 10 отсто од заразените. Кај пет до 10 отсто може да се развие и т.н. неспецифично долготрајна супфербилна состојба, односно состојба со благо покачена телесна температура (37-38 Целзиусови степени).