Синоќа во Велгошти се одржа културната манифестација „Вечер на Живко Чинго“. Во амбиентот на црквата „Св. Петка“ се чествуваше творештвото и книжевното наследство на големиот македонски писател Живко Чинго. Настанот беше исполнет со литература, уметност и сеќавање на еден од најзначајните македонски писатели.

На манифестацијата беше врачена наградата „Живко Чинго“ за најдобар расказ на д-р Марјан Патлиџанковски за расказот „Службен пат до Тирана“, под шифра „Патникот“.

Патлиџанковски истакна дека токму творештвото на големиот македонски писател покажува дека литературата не е само раскажување приказни, туку и откривање на човечката душа, со сите нејзини светлини и темнини.

Таа е потсетник дека литературата живее таму каде обичниот човек ја носи својата радост, тага и болка, надеж и тишина. Во светот на Чинго, како и во животот, реалноста и чудото често одат рака под рака. А токму во тој простор се раѓа секоја добра приказна, рече меѓу другото Патлиџанкоски.

Тој потсети на учењето на Чинго, дека книжевноста не е во големите зборови, туку во чудото скриено во секојдневниот живот, во човечноста што опстојува и кога времињата се тешки.

Вечерва прифаќајќи ја оваа награда чувствувам одговорност и обврска да останам верен на приказната, на јазикот и на луѓето за кои пишувам, рече лауреатот.

Пред присутните за ликот и делото на Чинго говореше и академик Катица Ќулавкова, која за Живко Чинго рече дека е еден од неодминливите македонски раскажувачи, чие дело трајно ја задолжило македонската книжевност и култура.

Во рамките на свеченоста беше положено цвеќе пред спомен-обележјето на Живко Чинго.

Свеченоста беше збогатена и со културно-уметничката програма – проектот „Македониум“, во изведба на Бојан Маркоски, Стефан Чеменкоски, Ѓоко Чеменкоски, Владимир Србиновски, Виктор Србиновски, Ристе Довлев, Величе Затуроски, Димитар Трпеновски, Софија и Виктор Милески, како и со настап на КУД „Илинден“ – Велгошти.

OhridNews