Празникот Воздвижение на чесниот крст се празнува во чест на наоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос. Овој настан и се припишува на царицата Елена, мајката на цар Константин, основоположникот на Цариград (Константинопол).

Првите три века по Христа не се знаело каде се наоѓа крстот Христов. Се претпоставувало дека е закопан во близината на неговиот гроб бидејќи според тогашните еврејски обичаи крстовите биле закопувани во близината на гробовите. Царицата Елена наредила да се копа околу гробот Христов но таму нашле три крста бидејќи во близината на Христовиот гроб биле и гробовите на двајцата разбојници што биле распнати во исто време. Тогаш се појавил проблем што не можеле да дознаат кој од трите е Христовиот крст. Во тоа време минувала погребна поворка и царицата Елена наредила мртовецот да се стави на трите крстови. И се случило чудо. На еден од нив мртовецот оживел. Тоа било знак дека тоа е бараниот крст врз кој бил распнат Исус Христос. За тоа разбрале жителите на Ерусалим и потрчале да го видат крстот. Но од големата турканица што се создала не можеле да го видат. Тогаш владиката ерусалимски Макарие неколку пати го кревал и го спуштал крстот вртејќи се на сите четири страни. Во тоа време народот се крстел и пеел „Господи помилуј“.

Празникот Воздвижение на чесниот крст е строг пост.

Јасминка Т. Момироска