Четворицата обвинети за петкратното убиство кај Смилковското Езеро по пет и пол години излегуваат од притвор, пренесува „Макфакс“. Врховниот суд на Република Македонија донесе решение за предметот познат во јавноста како „Монструм“, со кое четворицата обвинети Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Хазири и Сами Љута веднаш ќе бидат пуштени на слобода.

На обвинетите им се определени други мерки за претпазливост. Тие имаат забрана да го напуштат местото на живеење/ престојување, а двапати неделно ќе треба да се јавуваат и во Основниот суд Скопје 1.

Врховниот суд неодамна ги поништи првостепената и второстепената пресуда во случајот „Монструм“ за масакрот кај Смилковското Езеро, а на обвинетите повторно ќе им се суди. Ваквата одлука судот ја образложува велејќи дека, меѓу другото, фактичката состојба е погрешно и нецелосно утврдена бидејќи пониските судови теоријата на докажување ја засновале на искази што биле контрадикторни.

Едно од клучните барања на одбраната беше меѓународна истрага за случајот. Премиерот Зоран Заев порача дека за сите случаи за кои постојат сомнежи дека се монтирани, вклучително и „Монструм“, ќе бидат ангажирани меѓународни експерти за расчистување на дилемите.

OhridNews
извор: „Макфакс“