Од општинскиот Црвен крст информираат дека од почетокот на акцијата за собирање помош наменета за настраданите во поплавите кои ги зафатија Србија и Босна и Херцеговина до сега, собрани се над три тони храна, вода, производи за одржување хигиена, облека.

Голем број граѓани донираат на пунктовите и во маркетите. Денес и утре донираните предмети ќе се пакуваат и потоа ќе бидат испратени во собирните центри во Србија. Не контактираа од општина Дебрца, охридската локална самоуправа ќе донира над 300 хуманитарни пакети, од охридската Митрополија ќе донираат флаширана вода, во тек е организирање на бројни акции и во училиштата. Апелираме до сите оние граѓани кои самоиницијативно се организираат за собирање помош да ја достават до Црвен крст поради процедурите кои треба да се поминат за доставување на ваков вид помош, што од наша страна е регулирано во соработка  со амбасадите на двете земји, вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Хуманитарната акција за помош на настраданите во Србија и Босна и Херцеговина продолжува.

Главните собирни пунктови се во седиштето на Црвен крст Охрид на улицата „Димитар Влахов“, и кај новата автобуска станица на улица „15- ти корпус“, кои се отворени секој ден од 10 до 18 часот.  Освен на овие две локации, собирни пунктови има и во маркетите на Тинекс, Дон, Стоп Шоп, Тамаро и Кам.
Хуманите граѓани може да донираат и парични средства преку уплата на жиро сметка на Фондот за солидарност на Црвени крст  300000001327966, ДБ 4030984271620, Комерцијална банка или да донираат 100 денари со повик на телефоните: 075/070/077  143 400.

OhridNews