Одржувањето фер и демократски избори е врвен приоритет на Владата на Република Македонија, истакна премиерот Зоран Заев на Конференцијата на МОСТ за изборите: Градиме демократска европска Македонија, нула толеранција ќе има за евентуални изборни злоупотреби. Тој истакна дека во рамки на владиниот план 3-6-9 усвоени се повеќе мерки за спречувцање на изборни нерегуларности. Меѓу другото Владата усвои Упатство за забрана за користење државни ресурси од страна на учесниците и кандидатите за време на изборниот период. 

„Владата на Република Македонија, до денес, ги усвои сите мерки што досега можеа да се направат и зависеа од волјата и надлежноста на Владата за одвојување на државата и политичките партии, како и за одржувањето фер, слободни и демократски избори.

За Одвојувањето на државата од политичките партии, според Планот 3-6-9:

1.1.1. Владата усвои Инструкција со укажување дека, во врска со изборите, нема да се дозволи заплашување и притисок врз администрацијата, со охрабрување да се пријавуваат евентуалните случаи на притисок до надлежните органи, при што ќе следи суспензија на раководните лица доколку се утврди злоупотреба.

1.1.3. Обезбедивме средства во Буџетот за работниот ангажман на лицата во правното одделение во Државната изборна комисија (ДИК) до крајот на годината, со цел да може да дава навремено мислења по поднесените приговори.

1.1.4. Обезбедивме средства во Буџетот за работниот ангажман на лицата во секторите за Избирачки список и ИТ, во ДИК, до крајот на годината, со цел да се зголеми ефикасноста на Комисијата.

1.1.6. Владата усвои Упатство за забрана за користење државни ресурси од страна на учесниците и кандидатите за време на изборниот период.

1.1.7. Врз основа на ова Упатство, а во координација со другите надлежни институции и граѓански организации, Владата ќе донесе мерки со коишто ќе ги спречи учесниците и кандидатите да користат државни ресурси за време на изборниот период (користење службени возила, репрезентација, службен канцелариски простор, административни капацитети).

1.1.10. Владата донесе Одлука за доделување на трајно користење на ДИК, на просторот во којшто оваа институција е сместена.
Исто така, постои насока во Планот 3-6-9:

1.1.11. ДИК во соработка со МВР да продолжи со тековното ажурирање на Избирачкиот список.“ – истакна премиетот Заев.

Владата на Република Македонија е подготвена да формира Координативно тело кое што ќе го контролира процесот на доследно почитување на забраните што произлегуваат од Изборниот законик, во периодот од денот на распишување на изборите, до нивно завршување. Ова е идеја во функција на одржувањето слободни, фер и демократски локални избори на 15 октомври 2017 година, со цел унапредување на довербата во изборниот процес од страна на сите субјекти, како и заради превенција и оневозможување на каков било притисок врз граѓаните во поглед на нивното гласање на изборите, и за неа и денеска може да дискутираме, додаде Заев. 

OhridNews