СВР Охрид е современа полициска организација која во сузбивањето на сите видови криминалитет практикува современи полициски методи, тактики и стратегии.
Охрид е најбезбедниот град, а СВР е гарант на безбедноста не само на охриѓани, туку и на гостите кои престојуваат во градот, беше истакнато на денешната пригодна свеченост што се одржа во просториите на Секторот за внатрешни работи, по повод 7-ми мај, Денот на македонската полиција.

– Во Охрид нема нарушување на јавниот ред и мир од поголем обем, сите случаи се решаваат веднаш со пронаоѓање на сторителите и соодветно документирање и поднесок до Основното јавно обвинителство. Нашата работа се темели на длабоки анализи на кривичните дела и координација на нашите служби и со останатите полициски станици, локалната самоуправа, како и граѓаните за кои постоиме и во чиј интерес работиме, рече портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

За успешно реализираната работа пред присутните зборуваше началникот на одделението за криминалистичка полиција Игор Смилески, а Денот на македонската полиција го честиташе и секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.

– Благодарност до вработените на МВР и СВР за се што прават во однос на безбедноста на градот, што е од големо значење за туристите да се чувствуваат безбедно. Имаме одлична соработка, освен во областа на безбедноста, и при реализирањето на крупни инфраструктурни зафати, користиме искуства на нивни стручни лица, добиваме помош, сугестии. СВР Охрид со својата работа придонесува кон постојано одржување на мирот и безбедноста на општината благодарност на несебичното залагање на вработените, изјави Спасески.

Позитивни резултати во изминатиот период се регистрирани и во делот на сообраќајот, каде се бележи намалување на бројот на сообраќајни незгоди, а тендеција е и оваа сезона безбедноста да биде на уште повисоко ниво. Во делот на имотните деликти, тешките кражби, во изминатиот период нивниот број е намален за 15%, што зборува за висока ефикасност на полициските службеници во расветлувањето на овие казнени дела.

Во сузбивањето на наркокриминалитетот, од страна на екипте на СВР Охрид, во текот на 2016 пресечени се канали на нелегална трговија при што се пронајдени и одземени околу 85 килограми марихуана, додека во 2017 околу 35 кг марихуана.

Т.К.