Премиерот Зоран Заев најави рушење на дивоградбите, вклучувајќи ги и двата спорни објекти во центарот на Охрид и на охридското крајбрежје, сопственост на актуелен советник во градскиот совет. Како што рече-законот мора подеднакво да важи за сите.

  • Стопирани се двете градби со решенија од страна на инспектори. Во постапување на самото решение, следува процес на извршување. Законот мора да важи еднакво за сите и ние ќе постапуваме, ако не постапи општината, ќе постапи државата. Не е тоа само поради УНЕСКО, туку поради законите во земјава кои мора да се почитуваат, рече премиерот Заев.

Додаде дека за секој кој не го почитува издаденото решение, ќе следува кривична одговорност, а доколку издвоените пари од општинскиот буџет не се доволни за спроведување на постапката за отстранување на дивоградбите, тогаш тие средства ќе бидат надополнети.

Според изработениот регистар на дивоградби во општина Охрид има 1076 дивоградби, од кои над 400 се во заштитените зони. Регистарот беше изработен по барање на УНЕСКО кое најострите забелешки ги упатува токму поради големиот број дивоградби, што е и една од причините поради кои на охридскиот регион му прети опасност да биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност.

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на 43 сесија што се одржува во главниот град на Азербејџан, Баку, ја отвори расправата за состојбата на светското културно и природно наследство на Охридскиот региот и предлогот тој да биде ставен на Листата на заштитени подрачја во опасност. Македонската делегација бара одложување на одлуката и нов временски рок да постапи по 19-те барања на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2017 година, кои во најголем дел не се исполнети. Целиот случај ќе се разгледува уште еднаш во пакет со барањето за ставање под заштита на албанскиот дел од Охридското Езеро.

OhridNews