Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска во Прилеп, на прашање на претставниците на медиумите да го коментира пишувањето во одредени медиуми кои објавија делови од исказот на Орце Камчев пред Јaвното обвинителство – ЈО и кои од тоа извлекуваат заклучок дека премиерот ја опструирал истрагата на случајот „Рекет“, ги отфрли како лажни сите наводи изнесени во новинарскиот текст, и ја повика јавната обвинителка Рускоска да ја потврди веродостојноста на записникот што е објавен.

Секако дека ќе тужиме затоа што тоа не е точно. Јас неколку пати јавно отфрлив било каква поврзаност со Бојан Јовановски и со случајот Рекет. До ден денес стојам на тие ставови. Сакам да бидат објавени. Обврска на обвинителството е да објави дали е тоа така кажано. Како што јас прочитав денеска рано утрово, објавена е една страница од записникот, а потоа се прераскажува останата содржина со што се прави сериозна манипулација“, потенцираше Заев.

Премиерот истакна дека секогаш ги охрабрува новинарите да истражуваат и секогаш да го презентираат најважното од интерес на јавноста, но ако прават манипулации, секако, за тоа има одговорност.

Во тој процес ќе ги отвориме документите и на увид на јавноста ќе укажеме на тоа дека новинарот што го лиферувал ваквиот запис – лаже. – истакна премиерот Заев.

На прашањето дали ќе побара политичка одговорност доколку се докаже дека политичари спомнати биле вмешани во случајот „Рекет“, премиерот Заев и во овој случај повтори дека за било кој во државата одговорност мора да има доколку се докаже дека е виновен.

Тој додаде дека лично не верува дека некој од високите функционери на СДСМ е инволвиран во случајот, но секако остава истрагата тоа да го докаже.

Заев додаде дека овој случај ја потврдува потребата од општествен план за борба против лажните вести.

Примерот за кој зборуваме денеска го опфаќа ова прашање. Новинарот што ја објавил информацијата манипулира и пишува работи што не може да ги докаже. Дефинитивно ова е лажна вест, која што гледате како ја преокупира целата јавност. Но, јас како граѓанин Зоран Заев, а не како премиер, ќе го тужам новинарот, за да можеме и преку таа алатка да се бориме против лажните вести. Лажните вести знаат да скараат и држави, и ќе го избереме најдобриот начин за борба против нив. – истакна премиерот Зоран Заев.

OhridNews