Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот на Владата, Бујар Османи и министерот за здравство, Венко Филипче, денеска ги посетија повредените пациенти од вчерашната сообраќајна несреќа, кои се згрижени во Градската општа болница „8 Септември“.

„Сакам да ја споделам оваа голема тага, којашто ја чувствува целата јавност во државата и нашиот фокус е кон повредените и кон поддршката на семејствата на загинатите. Владата е подготвена да помогне во сè што е потребно за повредените и семејствата на загинатите“, истакна премиерот Заев кој изрази благодарност до локалното население кое веднаш по несреќата им помогна на повредените, како и до сите државни служби кои од вчера се максимално ангажирани.

Премиерот Заев и министрите изразија задоволство што пациентите кои ги посетиле се надвор од животна опасност и им упатија желби за што поскоро оздравување на сите повредени.

Во врска деталите за несреќата, премиерот извести дека истрагата е во тек, а сериозни информации се очекуваат од возачот. Најави дека со јавноста ќе бидат споделени кога ќе се заокружи истрагата.

„Истрагата почна вчера. Информациите ги знам од министерот за внатрешни работи. Под раководство на надлежен јавен обвинител заедно со полициските служби беше направен увид на самото место со сите техникалии поврзани со тоа. Возачот беше во свесна состојба, уште вчера се направени разговори со него. Веројатно, поради начинот на пристап во истрагата, оставено е преспивање, па ќе продолжат разговорите. Претпоставувам дека возачот е лицето што може да даде сериозни информации, но и самите повредени. Кога ќе помине првиот бран на главниот аспект, а тоа е грижата за здравјето на сите, веројатно истрагата продолжува, штом ќе ги заокружат сите неопходни информации, ќе ги споделат со јавноста. Знам дека не само семејствата на загинатите и повредените, туку и сите ние граѓаните сакаме информации за тоа што всушност се случило и верувам дека тоа ќе се случи многу бргу“, рече премиерот Заев.

OhridNews