Премиерот Зоран Заев ја предводеше владината делегација во Пелинце, на одбележување на 118 години Крушевска Република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ.

Континуитетот на дефинирањето на македонската држава продолжи да се гради на вредностите и принципите утврдени на Илинден 1903 и на АСНОМ 1944. И, да, народе мој – Третиот Илинден. Третиот Илинден е нашиот континуитет во афирмацијата на вредностите на која е изградена нашата држава и кои светот ги прифати како наша специфика и идентитет според кој Северна Македонија денеска се препознава во светот, истакна Заев.

Заев пред присутните делегации од Собранието, кабинетот на Претседателот на државата, политичките партии, дипломатскиот кор, потенцираше дека третиот Илинден не познава крај.

Третиот Илинден е бесконечноста на нашиот стремеж кон нашата иднина. Затоа нашиот Илинден не е завршен и нема да заврши. Ние го живееме нашиот Илинден.  На нашата и на идните генерации останува да го одржуваме и да го шириме пламенот на Илинден, огнот што го распламтија плејада македонски просветители, учебникари, револуционери, комити и партизани, граматичари и писатели, како и истакнати видни дејци и припадници на другите народи во нашата земја, рече Заев.

Нагласувајќи дека секоја генерација има свој Илинден, истакна дека современата генерација во својот Илинден го има вградено и единствениот правилен избор на 8 Септември 1991 година кога со волјата на народот изразена на референдумот беше прогласена независноста државата и отпочна меѓународното признавање и прифаќање на тогашната Република Македонија како членка на меѓународната заедница и нејзините организации.Премиерот додаде дека нашиот трет Илинден е печатот ставен на личната карта на Северна Македонија во ОН, држава во која официјален и службен е македонскиот јазик.

 

Нашиот трет Илинден е и нашата борба и нашата победа на демократските наспроти декадентните вредности. Победата на парламентаризмот и дијалогот наспроти едноумието, омразата и насилството. Нашиот Илинден е правдата и владеење на правото базирани на принципот дека сите се еднакви пред законот. И уште еден илинденски принцип чуваме и негуваме и постојано повикуваме да ни биде пример. Обединување и единство околу најважните прашања за нашата земја. Да престанеме да се биеме в гради за тоа кој е поголем патриот заради партиските интереси и заради повеќе гласови на изборите. Нема да престанам да повикувам да бидеме сложни и единствени заради граѓаните и заради татковината, за заедничкиот напредок. Секогаш да настојуваме да правиме чекор повеќе во изградбата на нашето едно единствено еднакво општество за сите – углед на големата европска идеја обединети во различностите, нагласи премиерот.

Повика да се продолжи кон остварување и на нашата втора стратешка цел – членството во ЕУ, а во својот говор се осврна и на односите со соседните земји.

Ние денеска заедно со нашите соседи градиме отворен Балкан, ги рушиме препреките и се бориме за поголеми слободи на нашите граѓани, градиме нов европски поврзан Балкан врз широко прифатени идеи за подобар живот за сите, за заедништво, за помагање, за олеснување, за слободно движење, за слободно мислење и создавање. И тоа е нормална и очекувана иницијатива после историскиот договор од Преспа со кој го решивме спорот со Грција како позитивен преседан во историјата на дипломатијата, рече Заев и изрази уверување дека Република Бугарија е пријател и дека е многу блиску денот кога и македонскиот и бугарскиот народ ќе се уверат дека Бугарија нема да биде пречка за нас.

Заев денеска попладне заедно Артан Груби, Николовски и Спасовски ќе присустуваат во Крушево на централната прослава на Илинден, на покана на шефот на државата Стево Пендаровски, која треба да почне во 18 часот.

 

OhridNews