Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на седницата за пратенички прашања порача дека во кус период од две и пол години, не се случило вакво покачување на платите во образованието, како што се случува сега. Најави дека утре, заедно со министерот за образование, Арбер Адеми ќе има состанок со претставници на СОНК, затоа што низ дијалог се решаваат прашањата.

„Факт е дека за 11 години, ВМРО-ДПМНЕ направи покачување од 10%. И факт е дека за две години и пет месеци оваа Влада направи покачување за 10%, или кумулативно, за 10,8%. Правиме напори, понудивме, од април 10%. Покачување од 20% за вака краток период, никогаш не било постигнато. СОНК бара повеќе и порано, но сите ресурси што ги имаме ги вложуваме во човечкиот капитал“, рече премиерот Заев.

Тој додаде дека според тоа што е досега понудено е најниската плата во образованието да биде поголема од просечната плата во државата. Премиерот изрази верување дека на утрешниот состанок со претставниците на СОНК ќе биде изнајдено заедничко решение.

OhridNews