Денешниот референдум беше мирен и демократски, а Македонија и граѓаните покажаа дека се дел од семејството на европски демократии. Вака премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев го оцени денешното референдумско изјаснување.

-Референдумот е највисока демократска алатка каде одлучуваат тие што излегуваат и гласаат. Ова е успех за демократијата и успех за европска Македонија, а тој е  заедничкки на сите граѓани, без оглед на организираниот бојкот од ВМРО ДПМНЕ, со чесни исклучоци. – рече Заев.

Премиерот истакна дека гласот на граѓаните и изразената волја на референдумот, доколку резултатите покажат дека големо мнозинство го поддржало интеграцискиот пат на земјата, ќе треба да се претвори во политичка активност во законодавниот дом. Доколку опозицијата не го поддржи процесот, тој најави предвремени парламентарни избори.

-Ако навистона имаме видливо големо мнозинство ЗА од тие што гласале, тогаш јасна е иднината, гласот на пратениците треба да биде одлучно ЗА да го забрзаме патот кон ЕУ и НАТО. Очекувам пратениците од ВМРО ДПМНЕ да го поддржат овој процес, во спротитвно ќе има предвремени парламентарни избори веднаш. – најави Заев.

Премиерот на крајот од обраќањето кон јавноста непосредно по завршувањето на референдумот, чии резултати се уште се пресметуваат, рече дека ќе продолжи да ја води земјата напред и дека Македонија ќе биде членка на НАТО и ЕУ.

OhridNews