Економската криза предизвикана од пандемијата, сериозно влијаеше врз автомобилската индустрија. Според последниот извештај од Асоцијацијата на Европски производители на автомобили,  во октомври 2021 година, регистрациите на нови патнички автомобили во Европската Унија се намалиле за 30,3% во однос на октомври 2020 година. Со 655.001 продадени регистрации, октомври е четврт последователен месец во кој се забележува пад во 2021 година.

Во моментов, глобален проблем во автомобилската индустрија е недостатокот од полупроводници. Извршниот директор на групацијата КОСТАЛ, Каи Кникман вели дека закрепнувањето на  секторот ќе зависи од побарувачката на автомобили и камиони. Во моментов, производството на нови автомобили е ограничено поради намаленото снабдување со полупроводници.

Мислам  дека како автомобилска индустрија се соочивме со големи предизвици за време на пандемијата. Сите очекуваат закрепнување после пандемијата, но тоа ќе зависи од побарувачката на автомобили и камиони. Во моментов се соочуваме со поинаков предизвик бидејќи снабдувањето со полупроводници е многу ограничено, не само за КОСТАЛ, туку и за целата автомобилска индустрија. Од друга страна, бројот на потребни чипови за автомобилите расте, што ја истакнува потребата од поголема електрична мобилност и помоќни чипови кои во моментов се дефицитарни. Нашите клиенти би сакале да произведуваме повеќе автомобили, но ние сме ограничени поради намалувањето во производството на полупроводници, вели Кникман.

Како што истакна Кникман, проблемот со недостиг на полупроводници се јавува тековно во првата половина од годината, а веќе во втората половина се зголемува недостатокот и се предвидува дека ваквата ситуација ќе продолжи и во првиот квартал од 2022 година.

Она на што сите се надеваат во моментов е дека закрепнувањето во секторот ќе почне најдоцна до крајот на 2022 година. Има инвестиции во производството на полупроводници на глобално ниво, но не е толку брзо и толку лесно да се исполнат потребните дополнителни капацитети, додава Кникман. 

К.А.