Заменик-министерот за здравство, Асим Муса, на прес-конференција, соопшти дека се повлекува од функцијата. Неговата одлука за повлекување следува по објавувањето видеоснимка, на која се гледа како тој зема пари на рака од пациент од Албанија. Изјави дека наседнал на стапица, дека се работело за пари, кои секој странски пациент треба да ги плати за интервенција.

„Секој граѓанин од Република Албанија кому сум му служел јасно знае дека ова е стапица, намерна со цел да ѝ се наштети на мојата лична, професионална и фамилијарна фигура. Нема да дозволам овие 23 години инвестиција во мојот професионален и фамилијарен кредибилитет да биде нарушена на ваква намерна стапица, бомбастички со лажни наслови, кои не се реални, како што може да се види во снимката“, рече Муса кој додаде дека ќе продолжи да им служи на граѓаните од земјата и пошироко.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство во Струга отворило предмет за случајот, и во рамки на предистрагата со меѓунардона помош ќе се бараат оригиналните снимки на кои се гледа како министерот зема 50 евра.