Косовската оперска пејачка Зана Абази-Рамадани по третпат ќе биде дел од „Flowers Symphony“, еден од најпрепознатливите проекти на Оркестар DIVA – Битолски камерен оркестар. По претходните настапи пред битолската публика, годинава Зана за првпат со овој проект ќе настапи и во Охрид.

„Flowers Symphony“ ќе се одржи на 17 август во Пациото на НУ Завод и Музеј – Битола, а веќе следната вечер, на 18 август, во Долни Сарај – Охрид, со почеток од 21:00 часот.

Годинашната програма носи спој на оперски арии, италијански канцони, француска шансона и незаборавни филмски теми, а токму настапот во Охрид за Зана има посебна симболика. Пред години таму во живо го слушала големиот Енио Мориконе, а сега се враќа на истата охридска сцена како изведувач на едно од неговите дела.

Со Зана разговаравме за нејзиното трето учество на „Flowers Symphony“, соработката со Оркестар DIVA, музиката без граници и емоцијата што ја очекува од концертите во Битола и Охрид.

Ова е твое трето учество на „Flowers Symphony“. Што е она што го прави овој проект посебен за тебе и што те враќа повторно на неговата сцена?

Ова е мое трето учество на „Flowers Symphony“, иако досега сум имала задоволство да настапувам како солист и во други проекти пред прекрасната битолска публика. За сите овие можности сакам да му се заблагодарам на диригентот Владимир Димовски за поканите и довербата!

Сепак, овој проект има навистина посебна атмосфера. Самото име „Flowers Symphony“ ме инспирира да го опишам како музички букет, во кој различни дела од светскиот репертоар се спојуваат како цвеќиња со различни бои и мириси, создавајќи прекрасен и богат музички колорит. Токму оваа разновидност и уникатна атмосфера се причината поради која секогаш со големо задоволство се враќам на овој проект.

Годинава програмата носи различни музички жанрови – од опера и шансона до филмска музика. Како го доживуваш преминувањето од еден музички стил во друг во рамките на ист концерт?

Секоја композиција има своја убавина и свој карактер. Во текот на овие концерти ќе се појавам на сцената неколкупати, изведувајќи оперски арии, филмска музика, француска шансона и други композиции. За мене е вистинско задоволство да преминувам од еден музички свет во друг и преку секоја композиција да пренесам различна емоција.

Доаѓаш од Косово, музичкото образование те поврзува и со Македонија, а зад себе имаш настапи во повеќе земји. Колку музиката може да ги надмине границите и да ги поврзе публиката и уметниците од регионот?

Музиката е универзален јазик, а една од нејзините најголеми убавини е тоа што не познава граници. Многу сум среќна што, покрај настапите во Косово, сум имала можност да настапувам и во различни земји во регионот и низ светот.

Секогаш ми претставува посебно задоволство да се вратам во Северна Македонија, каде што поминав и дел од моето музичко образование. Среќна сум што повторно ќе настапам пред прекрасната битолска публика, а овојпат, за првпат, и пред публиката во Охрид.

Охрид за мене носи едно навистина посебно сеќавање, бидејќи токму таму ја имав привилегијата во живо да го видам и слушнам големиот маестро Енио Мориконе. Затоа, моето враќање во Охрид сега како изведувач, каде што ќе отпеам и едно негово дело, има особено значење за мене. Музиката нè обединува над јазиците и границите.

На сцената на „Flowers Symphony“ се обединуваат солисти, хор и голем оркестар. Какво е чувството да се биде дел од еден толку голем музички состав и повторно да се соработува со Оркестар DIVA?

Огромно задоволство е да се биде на сцена со толку многу прекрасни музичари и уметници, а особено повторно да ја делам сцената со Оркестар DIVA – Битолскиот камерен оркестар.

Кога солистите, хорот и оркестарот ќе се соединат под водство на диригентот, се создава една уникатна енергија која тешко може да се опише со зборови. Секој ја внесува сопствената индивидуалност, а на крајот сите заедно дишеме низ истата музика. Токму тоа го прави концертот незаборавно музичко доживување – не само за публиката, туку и за сите нас што сме на сцената.

По две претходни учества, што мислиш дека ќе го направи годинашниот „Flowers Symphony“ поинаков и со каква емоција би сакала публиката во Битола и Охрид да си замине по концертот?

Верувам дека ова издание особено ќе го паметам по големата разновидност на музички стилови во програмата, а посебно по филмската музика. Но, покрај репертоарот, и врз основа на искуствата од претходните изданија, сигурна сум дека ќе го паметам и по прекрасната соработка со целиот уметнички состав и, секако, по прекрасната публика во Битола и Охрид.

Реакцијата и енергијата на публиката нè инспирираат да дадеме сè од себе и да ја изразиме секоја емоција што произлегува од нашата уметничка душа. Би сакала публиката по концертот да си замине носејќи ја со себе истата емоција и енергија што ние ќе се обидеме да ја споделиме со неа од сцената.

„Flowers Symphony“ годинава ќе обедини повеќе од 100 учесници на сцената, со Оркестар DIVA – Битолски камерен оркестар, оперските солистки Јаворка Витанова, Виолета Арсовска и Зана Абази-Рамадани, хорот „Гортинија“ од Гевгелија под водство на Илија Атанасов и специјалните гостинки Наде Талевска и Билјана Талевска. Целиот концерт е под диригентската палка на Владимир Димовски.

Концертите се закажани за 17 август во Битола, во Пациото на НУ Завод и Музеј, и 18 август во Охрид, во Долни Сарај, со почеток во 21:00 часот. Карти во продажба на yournextevent.info, Тобако Димпо и кај Аждер.

Подготви: Андријана Димовска