Деновиве започнаа градежни работи за возобнување на оградата на катедралната црква „Света Софија“ во Охрид. Проектот го подготви охридскиот Завој и музеј, а обновата ќе се врши автетнично, за што ќе биде употребена фото-архивата на Историскиот архив од Охрид, каде постојат документи кои сведочат за изгледот на старата ограда на „Света Софија“, која била урната во првата половина од дваесеттиот век.

Како што информираат од Локалната самоуправа, оградата на црквата „Света Софија“ ќе биде од камен во висина од околу четириесетина сантиментри, над што ќе се постави ограда од ковано железо каква што имало во минатото.

Со ова, според надлежните ќе се реши проблемот кој настана со поставување на бетонските столбчиња околу црквата „Света Софија“ што наиде на отпор кај локалното население. Имено мештаните се жалат дека со поставување на столбчињата се затвора паркинг просторот кај црквата, еден од ретките во овој дел од градот. Општина Охрид најави дека се планира адаптација на просторот кај летната сцена „Долни Сарај“ во паркинг за што ќе биде потребно одобрение од фестивалот Охридско Лето, под чија надлежност е овој простор.

Од општина Охрид сметаат дека катедралата „Света Софија“ треба да се заштити и да им се овозможи на туристите да уживаат во културното наследство на градот. За таа цел покрај враќањето на стариот лик со обновување на камената оградата околу црквата, се планира да се изврши и илуминација, за што во тек се разговори со Дебрско-кичевската епархија.

Ohridnews