Денес започна процесот на порибување на Охридското Езеро со охридска пастрмка. Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, заедно со претставници на Државниот инспекторат за земјоделство и ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, учествуваше во првата фаза од порибувањето на езерото.
Согласно договорот помеѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, во оваа фаза е предвидено порибување со 100 илјади единки охридска пастрмка, произведени од вештачкиот мрест во 2025 година.
Подмладокот со кој се порибува Охридското Езеро во оваа фаза е со просечна тежина од околу 16 грама, а процесот започна денес и ќе продолжи во текот на следните 5 до 6 дена. Порибувањето се врши на локалитетите Трпејца, Пештани, Радожда, Калишта, Охрид и Струга. Станува збор за локалитетите од кои во текот на 2025 година беа уловени матици од природната популација на Охридското Езеро, од кои беше обезбеден репродуктивниот материјал за вештачкиот мрест, информираат од Министерството.

Целиот процес се одвива под надзор на надлежните институции, во присуство на инспектор од Државниот инспекторат за земјоделство и инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство. Процесот ќе продолжи и во текот на месец септември, кога ќе започне порибувањето со околу 1,5 милиони единки охридска пастрмка, одгледани во ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид од вештачкиот мрест во 2026 година. Оваа фаза се очекува да трае околу три недели.

OhridNews












