Под раководство на проф. Јане Ацески од Шумарскиот факултет и асистенција на Ј.П. „Охридски комуналец“, утрово, започна уредувањето на крошната од Чинарот во населбата Кошишта.

Овој Чинар се наоѓа во лоша состајба, а потврда на тоа е инцидентот што се случи неодамна кога гранка се скрши и падна врз возило.

Како што информираат стручните служби на локалната самоуправа, поради уредувањето на чинарот во Кошита денеска од 8.30 до 11.30 часот  за сообраќај ќе бидат затворени улиците „Абас Емин“ спрема ул. „Гоце Делчев“ и ул. „Кирил Методиј“ во двата правци.

Инаку неодамна Одделението за заштита и влијание врз животната средина при општина Охрид започна реализација на проект за заштита и ревалоризација на чинарите во градот и на стариот кочеџик кај црквата Св. Богородица Перивлепта. Проектот за заштита на чинарите во Охрид го реализира Друштвото за еколошки консалтинг Деконсема од Скопје, чии тимови извршија скенирање на состојбата на секое стебло поединечно. Покрај степенот на загрозеност, предвид ќе биде земено и културно историското значење на секое дрво, а извештајот треба да им помогне на надлежните институции да донесат одлука кое стебло понатаму е вредно да биде ревитализирано и заштитено со закон.

OhridNews