Инспекциските служби, од 19 март до 21 април имаат извршено 33.173 надзори, со цел да гарантираат целосно почитување на одлуките, мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот КОВИД-19.

Најбројни биле контролите направени од Државниот пазарен инспекторат, вкупно 26.569, од кои што 5.508 се контроли на замрзнатите цени во малопродажните и големопродажните објекти.

„Притоа, од страна на ДПИ се затворени вкупно 162 угостителски објекти кои не ги почитувале мерките на Владата, а од визуелната обиколка низ повеќе градови констатирано е дека најголемиот број на угостители сепак дисциплинирано ги почитуваат забраните за работа. Државниот пазарен инспекторат изминатиот месец, интензивно ги контролираше и кафематите во целата земја, при што е извршено запечатување на повеќе од 350 кафемати. Освен на самиот почеток на кризата, кога имаше одреден број на пријави за покачени цени кај некои производи, особено кај цитрусово овошје, можеме да констатираме дека во подоцнежниот период најголем дел од трговците ги почитуваат одлуките за смрзнатите цени, а на оние каде што е забележано зголемување им се наложува да ги вратат цените на ниво на цени од 11 март“, рече на денешната прес конференција претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, изречени се вкупно 5 глоби, 75 казнени мерки едукации поради неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна и вкупно 64 решенија за констатирана лоша општа хигиенска состојба, по коишто правните субјекти постапуваа веднаш.

Државниот инспекторат за труд, во насока на заштита на работничките права, реализираше вкупно 3.236 контроли при што се донесени 42 решенија и околу 152 укажувања за работодавачите кои не постапиле по препораките на Владата.

„Поголемиот дел од овие надзори биле поврзани со постапување по претставки за платено отсуство на родител на дете до 10 години, самохран родител, бремени жени и хронички болни. Трудовиот инспекторат констатира дека поголемиот дел од работодавачите ги почитуваат препораки за заштита на вработените од КОВИД-19“, посочи Филиповска-Грашкоска.

Државниот здравствен и санитарен инспекторат во изминатиот период реализираше 732 инспекциски надзори во субјекти во нивна надлежност, со особен фокус на приватни и јавни здравствени установи, како и домови за стари лица, а во врска со почитување на протоколите за заштита на медицинскиот персонал за прием и постапување со инфицирани пациенти од коронавирусот КОВИД-19. Паралелно со инспекциските надзори ДЗСИ издаде и вкупно 9.607 дозволи на транспортери за професионални возачи во меѓународниот транспорт, кои се неопходни за непречено спроведување на транспортот во услови на епидемија од коронавирус.

OhridNews