Јавните дискусии по нацрт амандманите за уставни измени со цел решавање на долгогодишниот спор со Грција, со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, завршија во предвидениот рок од пет дена и опфатија широк спектар на засегнати страни.

Во рок од два дена после јавната расправа, Владата како овластен предлагач за уставни измени, до Собранието ќе достави сублимиран извештај од главните сугестии и предлози за усовршување на нацрт амандамните, или како амандмани на амандманите. Процесот на уставните измени треба да заврши со усвојување на предложените амандмани после јавната расправа и со Одлука за измена на Уставот што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, на седница која е предвидено да се одржи на 15 јануари 2019 година.

Учесниците на сите пет дебати, се обединија околу ставот дека со Договорот од Преспа и решавањето на повеќедецениското прашање се затвора и поглавјето на идентитетските прашања, кое заедно со членството во НАТО и ЕУ, се трите цели кои Владата сака да ги постигне со овој Договор, со оглед на фактот што тој е заснован на европски начела, вредности, почитување на трајното пријателство и човековите права и дека уставните измени треба да се гледаат во контекст на придобивките.