Заврши караванот за вакцинација против КОВИД-19 што се реализираше во изминатите две недели. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека речиси 41,2 проценти од вкупното население е вакцинирано со две дози, а само седум проценти со трета (бустер) доза, но со караванот се очекува тој број да се зголеми.

Караванот почна на 21 март од Шуто Оризари, а заврши во Струга. Беа посетени 14-тина градски и рурални подрачја низ целата држава. Граѓаните имаа можност да се вакцинираат против Ковид-19, но и да се информираат за вакцинацијата и за придобивките од неа.

Според здравствените власти, невакцинираните луѓе имаат поголем ризик од смртен исход од КОВИД-19 во споредба со оние кои биле вакцинирани и затоа апелираат граѓаните да не ја одложуваат одлуката за вакцинирање.

Покрај караванот за вакцинирање, граѓаните имаат можност да се вакцинираат и во најблиските здравствени домови секој работен ден од 8 до 14 часот.

Во изминатиот период рестриктивните мерки постепено се олабавуваат. Учениците од основно образование веќе не носат маски на училиште, а оваа обврска остана само за наставниот кадар. Повеќе не се бара сертификат за вакцинација или прележаност во трговските центри и во отворените делови на угостителските објекти.

Комисијата за заразни болести препорача маските да не бидат задолжителни за учениците во средните училишта и да се дозволи организирање на екскурзии. За овие препораки се чека потврда од Главниот кризен штаб и од Владата.

Инаку, соседна Грција вчера ги продолжи актуелните мерки и правила за патување за уште една недела. Тоа значи дека за влез во земјата остануваат задолжителниот европски сертификат за КОВИД-19, поврзан со вакцинација или прележана болест, како и негативниот резултат од ПЦР/рапид тест. Новата министерска одлука ќе важи до 11 април годинава.

Промени има и во однос на времетраењето на одлуката и овој пат е една, а не две седмици, како што беше случај досега, како и во одредбите за изолација во случај на позитивен резултат при тестирањето на влезните точки во земјата, одредби кои не се вклучени во новата одлука.

Во однос на документот поврзан со КОВИД-19, правилата остануваат непроменети – сертификатот за вакцинација е со важност од девет месеци по втората доза, потврдата за прележана болест трае 180 дена, а доколку се патува со негативен тест, треба да биде направен 72 или 24 часа претходно, во зависност од тоа дали е ПЦР или рапид. За вакцинираните, сертификатот е валиден доколку се поминати 14 дена од втората примена доза, но тој не смее да биде постар од девет месеци, додека за лицата кои примиле бустер доза не постојат ограничувања.

Влез во земјата е дозволен за посетители од државите членки на Европската Унија и Шенген зоната и за 35 земји кои се вклучени во системот на ЕУ за дигитален сертификат (European Union Digital Covid Certificate, EUDCC), а меѓу нив и Северна Македонија.

OhridNews