Екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ по предвидениот план ја завршија замената на дрворедот по улицата „Партизанска“, на потегот од поштата до „Комерцијална банка“, информираат од претпријатието.

„Отстранети беа 50 липи, а засадени се нови стебла од видот лигуструм, вкупно 64 садници. Активностите околу формирањето на новиот дрворед продолжуваат со поставување на заштита на новите стебла. Се поставуваат метални декоративни штитници од сопствено производство со кои лигуструмите ќе се заштитат од механички повреди и ќе се спречи искривувањето на стеблата.“ – велат од ЈП „Охридски комуналец“.

Инаку, сечата на липи на улицата „Партизанска“ во центарот на Охрид предизвика силни реакции во јавноста. Граѓаните беа со поделени мислења, дел имаа разбирање за преземените активности, додека други сметаa дека се уништува зелениот појас во градот.

OhridNews