“Збогум инфинитив ” е насловот на изложбата од академскиот сликар Дубравко Наумов што ќе биде отворена вечерва во изложбениот салон на Центарот за култура со почеток во 20 часот.

Најновата изложба “Збогум инфинитив“ на Наумов , кој живее во Торонто (Канада), своето првично претставување го имаше во салонот на  македонската амбасада во Париз,Франција, а потоа и во Брисел, Белгија како и во рамките на “Скопски лето 2008”. Проектот е дел на Годишната програма на   Министерството за култура на РМ, а носител е Здружението на Хрватите во РМ.

“Збогум инфинитив”опфаќа 18 слики  изработени на акварелна хартија во комбинирана техника, цртеж, туш, пастел и акрилик, со имплементирани детали во колаж како  и перфорација на самата позадина.
Уметничките дела  претставуваат  продолжување на опусот инспириран од  принцезите, преку кои, како симболи на инфинитивната состојба, се презентира  општествениот статус на уметникот. Во еден момент стануваат рефлексија на животот на уметникот, кој навидум е слободен и живее по сопствените убедување, а всушност е роб на секојдневните тривијалности на материјалната егзистенција.
Опусот со принцезите започна пред повеќе од една деценија.  Целиот циклус е еден вид еволуција на мислата како процес.

Во проектот “ Збогум Инфинитив“ се случува едно исчезнување на инфинитивната состојба. Пасивноста е заменета со акција, дејствие, промена. Транспарентните силуети на принцезите кои сеуште се распознаваат како форма представуваат сеќавање или остаток од инфинитивната состојба во процес на исчезнување.   Овој циклус го најде својот израз во метафора на слободата-летањето.Принцезите се мобилни и управуваат со своите судбини, а нивните симболи на опструкција,кринолините, сега се помагала на навигација. За разлика од претходните циклуси ,овој,  идејно започна со замена на белината со јасна и дефинирана боја; духовното бесконечно , белото е заменето со  сетилното бесконечно – небото;

Дубравко Наумов е роден во Скопје. Дипломирал сликарство на ФЛУ во Скопје 1993 година, во класата на проф.Родољуб Анастасов, а подоцна  и рекламен дизајн на реномираниот Ontario College of Art and Dancing во Торонто, 2006 година. Во својата уметничка кариера имал повеќе самостојни  и групни изложби низ Македонија како и надвор од земјата.
 Наумов во Канада работи како арт – директор за реномираната  компанија од Торонто.
   
Во рамките на фестивалот “Охридско лето” денеска ќе биде организирана уште една изложба со наслов “Угоре високо-удолу длабоко”. Ова е всушност мултимедијален проект на слики од Сергеј Цингулоски со музика од Кокан Димушевски, а во режија на Венцислав Војдановски.

А. Ристоска