Здружението за борба против мозочен удар со пригодна свеченост го одбележа Европскиот ден на мозочен удар и воедно своето три годишно постоење. На свеченоста присуствуваа членови на здружението, голем број волонтери, професори од Клиниката за неврологија, но и пациенти и нивните семејства. Здружението зад себе има остварено голем број на активности, околу 1000 превентивни прегледи низ цела Македонија, голем број на предавања со цел зголемување на свесноста за оваа проблематика, медиумски кампањи и сл.

Благодарност за поддршката и успешната работа со желби за полесно справување со предизвиците во иднина искажа претседателот на здружението д-р Маја Божиновска Смическа.

– Бројот на мозочните удари продолжува да расте и набрзо ќе не преплави доколку не пронајдеме соодветен начин да се заштитиме но и справиме со оваа болест. Голем дел од  патот на пациентите со мозочен удар во нашата земја се уште не е трасиран, тие се уште се справуваат со предизвици кои во Земјите од Европа се надминати. Наша главна цел е да влијаеме на подобрување на примарната превенција, брзата дијагностика и современиот третман на оваа болест. Дејствувајќи заедно со другите Европски здруженија полесно ќе ја оствариме нашата цел и ќе го достигмнеме нашиот стремеж да имплементираме Европски сандарди и во нашата земја, притоа не само во медицината односно во болниците туку и во начинот на живот и здравствената култура на нашето население“.

Здружението од самиот почеток е член на Европската Алијанса за Мозочен Удар (Stroke Alliance for Europe- SAFE), а од оваа година има и свој представник во бордот на САФЕ.

OhridNews