Здружението на граѓани „Совест“ кое три години ја анимира јавноста и институциите за случувањата околу реставрацијата на споменикот на култура Али Пашина џамија во охридската чаршија, најави дека доколку надлежните органи и служби до понеделник не се произнесат за проблемот, ќе организира граѓански протест.

Ние ги охрабруваме Управата за заштита на културно наследтво, МВР, Јавното обвинителство каде има претставки за поединци и институции и Завод и Музеј Охрид да се произнесат со свој став. ЗГ „Совест“ ќе чека до понеделник тоа да се случи, но доколку тоа не се случи размислуваме да организираме мирен граѓански протест како израз на незадоволство за незаконието и за непоправливата штета која му се нанесува на Охрид. Апелираме до совеста на сите граѓани да не дозволиме космополитизмот на Охрид, неговата културно – историска вредност како лулка на цивилизациите да бидат трајно нарушени од незаконско дивеење на поединци за свои лукративни побуди. – изјави на прес конференција што се одржа денеска, Томе Џамтоски од ЗГ „Совест“.

Џамтоски истакна дека и покрај решението на Управата за заштита на културното наследство од март 2018 година со кое се бара запирање на сите градежни активности на Али Пашината Џамија во Охрид, тоа не се почитува.

На објектот има заштитна мрежa од која не може да се види што се прави, но очигледно нешто се прави и има активности и покрај тоа што има решение за запирање на градежните работи. – рече Џамтоски, додавајќи дека за објектот не е издадено Одобрение за градба.

ЗГ „Совест“ за последните случувања околу Али Пашината џамија со допис го информирало министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, како и УНЕСКО, од каде здружението добило одговор дека случајот ќе биде разгледан на 43 сесија на светската организација оваа година.

Како што е познато, конзерваторското решение за ревитализација на Али Пашината Џамија  издадено во 2016 година, за кое ЗГ „Совест“ тврди дека сега не е во важност, предвидуваше изградба на минаре високо 32 метри. Проектот го финансира фонд од Република Турција.

OhridNews