Двајцата вљубеници во планините, Жанко ЗШ Голабоски и Мишко Танески, викендов, успешно го реализираа најавениот подвиг од Охрид до „Магаро“ и назад. По неколку месечни подготовки Голабоски и Танески ја поминаа патеката долга 50 километри: Охрид – Велестово – Черешнана – Студино – врв Бугарска чука – врв Лакоси гној, по што следуваше спуст до превојот Галичица и искачување на врвот „Магаро“.

Како што истакнаа Голабоски и Танески, целта на маратонот насловен „Движи се, да не заборавиш да одиш“, беше граѓаните што почесто слободното време да го минуваат во природа.

– Секој може во текот на денот да најде половина или еден час за да направи некоја физичка активност. За потфатот трениравме секојдневно три и пол месеци. Оваа траса во изминатиов период ние ја поминавме 15-на пати дел по дел, така да знаевме што не очекува, рече Голабоски.

Искусниот планинар Мишко Танески рече дека маратонот бил еден од потешките.

– Кога се враќавме назад чувството беше како да слегуваме од врв од 8 000 метри, со халуцинирање и тотална дехидрација и премореност. Направивме 62 153 чекори, за среќа времето беше на наша страна, истакна Танески.

Во акцијата учествуваа и планинари и вљубеници на природата од „ЗШ Авантура“,околу 100- на граѓани кои дале безрезервна поддршка, потоа планинари од Хрватска, Полска и други земји, а кон акцијата се приклучиле и 50-на пријатели од Ресен и цела Македонија кои беа дел од „Tour De Galicica“. Поддршка на маратонот дало и здружението „Мозочен удар“.

Мишко Танески на 2.245 метри високиот врв го прослави својот 46-ти роденден, а Голабоски 30 години од матурата.