Политичарите се оние кои имаат одговорност да го одржат сегашниот оптимизам кај граѓаните дека кризата е завршена и дека може нормално да се живее, затоа ЕУ сугерираше за спроведување на реформите кои се повеќе од потребни, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар, при денешната посета на Охрид.  

– Ние како ЕУ имаме свој дел од одговорноста после еден толку долг период на криза, сега да се работи на иднината на граѓаните и земјата и политичарите да се ангажираат во спроведување на реформи. Тоа не е апстрактен процес. За да се спроведат реформи потребни се неколку чекори- да има независно судство, независни институции, антикорупциска комисија, независни медиуми кои објективно ќе информираат, како и владеење на правото. Тоа е еден по еден чекор за подобра иднина. Никогаш не сме кажале дека септември е краен рок за спроведување на реформите, туку следните неколку месеци. Тие реформи не се за нас, туку за граѓаните на Македонија, потенцира Жбогар.

Во однос на наследникот на државниот Јавен обвинител Марко Зврлевски, Жбогар рече дека ЕУ очекува државниот обвинител да е независен и со авторитет.

– Именување на нов државен јавен обвинител е прашање за кое треба собранието да одлучи. Се разбира, ако собранието одлучи да назначи нов државен обвинител, ние како ЕУ искрено се надеваме и очекуваме таа личност да биде независна,  високопрофесионална, со авторитет, како и кредибилитет да може да ја води институцијата, рече Евроамбасадорот Жбогар.

OhridNews