Превенцијата и важноста од раното откривање на болестите кај жените, здравата исхрана, физичката активност, но и ментално здравје беа во фокус на работилницата „Жена со моќ“ која се одржа денес во хотел “Далјан” во Охрид со поддршка на Општина Охрид и Советот за женско претприемништво.

Жената претприемач ја гледаме како моќна жена, жена која учествува активно во креирање на политиките, во менаџирање на бизнисите и во водење на регулирање на локалниот економски развој. Меѓутоа, денес пред сè и првенствено ќе ставиме акцент на моќта на жената која извира од нејзината внатрешна состојба, што значи најголемиот извор на нејзината моќ, нејзиниот внатрешен мир, нејзиното добро здравје, спокој и благосостојба, затоа што среќна, исполнета, здрава жена може да биде основа за среќно семејство и среќно општество. Општина Охрид како локална самоуправа има задача да создава услови во кои жената ќе може да се реализира, вели Ана Крстеска, заменик-градоначалник на Општина Охрид и член на Советот за женско претприемништво при Општината.
Потенцира дека Советот за женско претприемништво со внимателно одбрани чекори изминатите години со поддршка на градоначалникот Кирил Пецаков секогаш поддржува вакви настани во чиј центар е жената.
Токму една од основните идеи и цели на Советот за женско претприемништво е да се поттикнат жените и да се поддржат. Општина Охрид секогаш става активности во рамки на своите програми со кои ќе го олесни процесот на основање на бизниси од жени претприемачи, како што се менторски програми, едукативни програми. Понатаму, даваме поддршка преку взаемни настани со кои се информираат жените кои се законските регулативи, кои се можностите за аплицирање за грантови средства. Тоа што локалната заедница може да го направи е и подобрување на условите на животот на жената во смисла грижа на деца и грижа на стари кои се индиректно предуслов за можност жената да се вклучи во бизнис секторот и да допринесе во заедницата, додава Крстеска
Природниот изглед, постигнат преку здрава исхрана, физичка активност и внатрешен мир, ја прави жената убава и здрава без потреба од големи финансиски трошоци, вели Сузана Наумоска од „Изида Спа“.
Низ годините растечки е трендот на жени претприемачи бидејќи мислам се освестија, а и толку се работните места во државните институции и останувате на пазарот на труд. Ако сте креативни и вешти слободно можете сето тоа да го претворите во професии од кои ќе имате бенефит. Што значи дека можете да стекнете вештини, да се пронајдете себеси, сето тоа за добробит и да работите флексибилно работно време. Кога сакате ќе работите, кога сакате ќе одмарате, ќе си наместите течение според вашиот животен стил. Имаме претприемачки камп во средно училиште и уште отткука ги подготвуваме младите. Веќе во сите средни училишта каде има дуално образование трендот за претприемништво е присутен, потенцира Наумоска.
Секогаш кажувам што и да е татко на болеста, мајка е лошата исхрана, вели професорката Ангела Паскуале, додавајќи дека многу се важни покрај здравата исхрана и физичката активност и менталното здравје.
Клетките во нашето тело живеат, опстојуваат и функционираат во зависност од тоа што ќе им дадеме. Проблематично е што и почвата денеска е испосната и прехрамбените производи не се толку богати со хранливи материи. Меѓутоа многу е важно тие хранливи материи да ги земеме од растителниот и животинскиот свет, а дополнително понекогаш може да земеме и суплементација за да го поткрепиме тој внес на заштитни материи. Би ја потенцирала и физичката активност која мислам дека е број еден за подобрување на сите процеси во нашето тело. И тоа не зборувам за физичка активност којашто е премногу интензивна, туку тоа треба да биде редовна, дури и само од 15 до 30 минути максимум во денот, па и едноставно одење кое треба да биде непремногу интензивно. Тоа ја подобрува циркулација на крвта, како и липидниот статус. Препорачувам и внес на ферментирана храна, најчесто кефир или киселото млеко, како и зимница подготвена во домашни услови.
Потенцира дека и покрај тоа што можеме и најдобро да се храниме и да бидеме физички активни, ако имаме стрес, ако сме внатрешно несреќни, тоа е многу поголем проблем.
Стресот не јаде однатре и тогаш се создаваат одредени инфламаторни соединенија коишто се иницијатива за создавање на канцерогени клетки. Затоа сметам дека покрај здравата исхрана и физичка активност, внатрешниот мир е многу важен за нашето ментално здравје, додава Паскуале.
Ваквите работилници имаат голема улога во едукацијата и во превентивата за рано откривање на рак на женските генитални органи, пред сè на дојка, посочи Д-р Горан Маркоски, директор на Општата болница Охрид.
Во последните години како специјалист по гинекологија и акушерство и тоа како сум задоволен од свеста на пациентките во нашата средина и во нашиот град коишто редовно ги обавуваат скрининг прегледите како за дојка, така и за рано откривање на карцином на грло на матка. Кај нас на одделение во Општата болница Охрид, како и кај матичните гинеколози значително се бележи раст на превентивните прегледи, на ПАП тестовите, на ехо прегледи. Свеста е подигната и повеќе гинеколошките прегледи не се една табу тема како што биле во минатото. За жал, кога ќе се јави болеста се јавува без одредена симптоматологија. Меѓутоа многу е битно болеста кога ќе се јави да се открие во еден ран стадиум. Имаме за жал растечки тренд, посебно за ракот на дојка. И уште потрагично е што кај помлади пациентки се јавува, што не е специфично за оваа болест во минатото, и кај пациентки под таа ризична граница од 55 годишна возраст. Меѓутоа, сепак свеста, едукацијата, раното откривање водат кон целосно излекување на оваа болест, потенцира Маркоски.
На денешната работилница беше најавено дека до крајот на годинава ќе биде одржан и Форум за женско претприемништво на кој ќе бидат претставени и анализирани сите законски регулативи, правни аспекти, финансиски можности за жените кои сакаат да бидат вклучени во бизнис секторот.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска





































