Во Центарот за култура го посетивме Никола Коле Петкуќески, раководител на Школата за модерни танци. Ентузијаст, човекот кој прв на професионална основа го „донесе“ танцот во Охрид и тоа пред дваесетина години. „Чивијата“ влегла кон средината на осумдесеттите, во своите студентски денови, кога часови по класични танци во Скопје почнал да одржува некој словенец од кого Никола и го зел „занаетот“. Од тогаш до сега организирал повеќе од 500 културно-забавни настани, а освен школата за танци, го организира и веќе традиционалното детско музичко фестивалче – „Рибарче“.

„Иако е тешко во денешни услови да организираш било што, а камо ли  фестивал, сепак се спремаме по осми пат да го организираме „Рибарче“. Подготовките (дел од нив) се веќе започнати, а пробите ќе започнат некаде пред пролетта. Што се однесува до школата за танци, имаме часови под водство на професионални инструктори, секоја недела од 10ч. Задоволен сум од интересот на децата, додека од возрасните помалку.“ – вели Петкуќески.
Долго време школата своите програми ги реализираше во Домот на АРМ, каде што има многу повеќе простор од колку во Центарот, но таму има многу нерешени имотно-правни прашања. Не се збогатил од оваа работа, му посветил на танцот повеќе од половина живот, доживеал и тешки моменти но пасијата била прејака. Вели дека танцувањето е посебно корисно за младите, психо-физички да се развиваат подобро, да ја подобрат координацијата, а повозрасните да се ослободат од стресот и да го почувствуваат ритамот. „Па иако животот не танц, вреди да се живее за танцот.“


Час по танц

С. Костоски