Наредната недела Здружението на новинари на Македнија, ќе започне преговори со новата влада со цел подобрување на состојбите во медиумите.

Како што потенцира претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, извлечена е поука дека постојниот медиумски систем во Македонија повеќе не може да функционира и затоа треба да се направат напори да се изгради нов кој ќе им одговара на граѓаните, општеството и демократијата.

– Првото барање на кое ќе се фокусираме е да се најдат механизми да престане насилството врз новинарите. Мора да се најде механизам меѓу полицијата, обвинителството и судот и да се откријат и изведат пред лицето на правдата сите кои извршиле напади врз новинари. Се додека луѓето минуваат неказнето за нападите против новинарите, тие ќе продолжат да напаѓаат. Државата има обврска на новинарите да им обезбеди оптимални услови за работа, вели Селмани.

Претседателот на ЗНМ вели дека второто барање на ЗНМ ќе биде поврзано со упадот на владата и јавните институции во финансирањето на медимуите.

– Ќе бараме сите форми на финансирање на државно и локално ниво да престанат. Наместо тоа, ќе се заложиме за субвенционирање на печатените, локалните, регионалните и малцински медиуми. Има разни модели во Европа кои можат да се стават на маса и ќе видеме кој модел е најблизок до нас, додава Селмани.

Третото барање на ЗНМ до владата ќе биде реформа и подобрување на јавниот сервис-МРТ. Селмани потенцира дека раководните органи во јавниот сервис мора да бидат непартиски, неполитички и професионални кадри кои ја знаат мисијата на МРТ. Покрај тоа, ќе треба да се обезбедат дополнителни средства за работа, најмалку дупло повеќе од досегашните за да се обнови старата мрежа на јавниот сервис.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, вчера и денес оствари средби со членовите на здружението во Битола и Охрид со цел да ги информира околу барањата кои ќе бидат доставени до новата влада.

Т.К.