Македонскиот јазик преку духовното наследство е веќе вграден во светската културна ризница. Тоа не може да се избрише, но може да се збогати, рече во обраќањето на свеченото отворање на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура што по 59-ти пат се одржува во Охрид министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Македонскиот јазик е дел од светското цивилизациско наследство, а наша обврска е да го зачуваме и да осигуриме дека следните генерации не само што ќе го зборуваат туку и ќе го изучуваат со љубов и посветеност. Македонскиот јазик ќе остане жив преку луѓето кои го говорат, преку институциите каде се истражува, преку културните дела што патуваат надвор од границите и преку овој семинар кој ја зајакнува неговата меѓународна видливост, посочи Јаневска.

Семинаристите кои доаѓаат од различни земји, рече Јаневска, имаат заедничка цел да ги продлабочат знаењата од областа на македонистиката и да го запознаат македонскиот јазик низ историјата, културата и научните истражувања.

Кога јазикот се практикува во жива комуникација, се градат пријателства и јакне заедницата на вљубеници во македонскиот јазик, тогаш убавината на македонскиот збор достојно ќе може да се афирмира надвор од границите на Македонија. Во април годинава го обновивме најстариот лекторат во италијанскиот град Неапол, а претходно ангажиравме лектори и во Хрватска, Кина, Романија, Полска, Албанија и Словачка, рече Јаневска.

Потенцираше дека образованието и науката се цврстите темели врз кои се гради иднината на секој јазик и култура.

Во таа насока, расте и институционалната грижа за македонскиот јазик, делуваме кон јакнење на темелите. Со наставниот план за основно образование, учениците од 1 до 5 одделение изучуваат македонски јазик 180 наставни часа годишно, а од 6 до 9 одделение македонски јазик имаат четири дена неделно, колку и во средното гимназиско образование. Обезбедуваме современи учебници по македонски јазик и ги охрабруваме учениците да творат на македонски, рече Јаневска.

Министерството за образование и наука, додаде, поддржува научно-истражувачки проекти поврзани со македонскиот јазик, преку научните институти, за што, со секој нареден буџет, се одделуваат сè повеќе финансиски средства.

Инаку, на Летната школа учествуваат 60 македонисти, слависти, балканолози, филолози, културолози и преведувачи од 17 земји, Албанија, Аргентина, Бугарија, Италија, Јапонија, Канада, Народна Република Кина, Полска, Руска Федерација, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција и Хрватска.

По одржувањето на летната школа, ќе се одржи 53. Меѓународна научна конференција, на која ќе учествуваат 75 научни истражувачи од земјава и од странство. Вкупно 135 македонисти – студенти, предавачи и научни истражувачи ќе го изучуваат македонскиот јазик и ќе ги проучуваат македонската литература и култура.

OhridNews