Триесет и пет години независност, илјадници бројки и една приказна – како се менуваше Македонија од 1991 година до денес.

По повод 35 години од независноста, Државниот завод за статистика ја објави публикацијата „35 години независна Македонија“, во која преку статистички показатели е прикажан патот што државата го измина во изминатите три и пол децении – од населението и економијата, до образованието, туризмот и дигитализацијата. Публикацијата овозможува споредба меѓу почетоците на независноста и денешната реалност.

Економијата многукратно поголема, невработеноста драстично намалена

Една од највидливите промени е големината на економијата. Бруто-домашниот производ, по тековни цени, од проценети 968 милиони денари во 1991 година достигнува 1.043,9 милијарди денари во 2025 година. При ваквата споредба, сепак, мора да се има предвид дека станува збор за тековни цени и период во кој земјата помина низ големи монетарни и ценовни промени.

Се промени и структурата на економијата. Во 2001 година услугите создавале 54,4 отсто од БДП, индустријата и градежништвото 20,6 отсто, а земјоделството 9,7 отсто. Во 2025 година учеството на услугите се зголемило на 57 отсто, индустријата и градежништвото на 24,1 отсто, додека земјоделството се намалило на 6 отсто.

Особено впечатлив е трендот на пазарот на труд. Статистичката серија од 1997 до 2025 година покажува силно намалување на невработеноста и истовремено раст на стапката на вработеност. ДЗС напоменува дека податоците за периодот 2017–2025 се ревидирани согласно со резултатите од Пописот од 2021 година.

Најголемиот предизвик – демографијата

Додека економските показатели во голем дел бележат напредок, демографската слика е една од најсериозните промени во 35-годишната историја на независната држава.

Податоците од пописите и годишните процени ја покажуваат промената на старосната структура на населението – основата на демографската пирамида се стеснува, а уделот на повозрасното население расте. Истовремено, податоците за живородени и умрени покажуваат премин од позитивен кон негативен природен прираст.

Се зголемува и просечната возраст на населението, како и просечната возраст на мајката при раѓањето на првото дете. Со други зборови, 35 години по независноста Македонија е демографски постара земја, со помалку раѓања и со сериозен предизвик за обновување на населението.

 

Помалку ученици – променета образовна структура

Демографските движења директно се пресликуваат и во образованието. Статистиката од учебната 1991/92 до 2024/25 година покажува јасен долгорочен пад на бројот на ученици во основното и средното образование.

Од друга страна, се менува образовната структура на населението. Споредбата на пописите од 1994, 2002 и 2021 година покажува раст на уделот на населението со средно и високо образование, додека во текот на изминатите децении значително се менува и бројот на дипломирани студенти, магистри и доктори на науки.

Туризмот – странските гости сè поважни

Интересна слика дава и туризмот, особено значаен за Охрид и охридскиот регион. Податоците за периодот 1991–2025 покажуваат големи осцилации – од падовите во кризите и драматичниот прекин за време на пандемијата, до силното закрепнување во последните години.

Една од највидливите структурни промени е растечкото значење на странските туристи. Во поновите години тие се значително побројни од домашните туристи, а расте и нивното учество во остварените ноќевања.

Од почетоците на интернетот до речиси целосно дигитализирано младо население

Можеби најдобар показател колку се промени секојдневието е технологијата. ДЗС ја следи употребата на интернет од 2006 година, а кривите до 2025 година покажуваат силен и континуиран раст кај сите возрасни групи. Кај младите интернетот практично станува универзален дел од секојдневието, а пристапот до интернет кај деловните субјекти исто така достигнува многу високо ниво.

Така, бројките по 35 години независност даваат сложена слика за Македонија. Државата има поголема и поинаку структурирана економија, значително променет пазар на труд, пообразовано и далеку подигитализирано население и туризам сè повеќе ориентиран кон странските пазари. Но, зад позитивните трендови стои можеби најголемиот долгорочен предизвик – земјата има сè помалку млади и население кое старее.

Г.М.
Фото: ДЗС I Илустрација