Пред педесет години, поточно на  3 ноември   1957 година првата „Земјанка“- славната Лајка испратена е во орбитата со советската вселенска капсула, со што симболично, иако по цена на нејзиниот живот, на човештвото му е отворен патот кон ѕвездите.

Советскиот Сојуз месец дена пред лансирањето на капсулата со Лајка, во вселената го испрати првиот сателит Спутник, тежок 83 килограми. По успешното лансирање советските научници одлучија  во Спутник 2, тежок околу 508 килограми да го испратат првото живо суштество. Одлуката паднала на малото кученце мешанец со име Кудрјавка , која стана славна под псевдонимот Лајка , што всушност е назив за сибирските ловечки кучиња.Пред да испратат луѓе во вселената научниците мораа да испитаат како врз живите суштества ќе влијае бестежинската состојба, должината на летот и други параметри.

На 3 ноември 1957 година во 22.28 часот Лајка полетала облечена во „астронаутско одело“ со  вградени неколку сензори со кои се следел срцевиот ритам, крвниот притисок и брзината на дишење. Според службените извештаи Лајка патувањето добро го поднесувала се до 3.200 км. висина. Но на сите им било јасно дека е тоа лет без враќање, а животот на Лајка траел се додека имало кислород во капсулата. Има различни објаснувања за тоа како завршил животот на Лајка – некои тврдат дека е успиена консумирајки отров додаден во последниот оброк, други дека угинала уште на почетокот од превисока температура, а трети дека се угушила поради недостаток на кислород. Сигурно е дека по шест дена се потрошиле батериите и снемало кислород во капсулата. Со сите изгаснати функции Спутник продолжил да кружи во орбитата се до април 1958 година кога паднал во атмосферата и изгорел. Лајка е единственото животно кое научниците го испратиле во вселената.

Целта на СССР на чие чело во тоа време беше Никита Хрушчов, а во пресрет на 40-годишнината од Октомвриската револуција. била да се потврди руската  технолошка супериорност  над американската и да се утврди дали можат живите суштества и колку долго да ги поднесат условите на живот во вселената.

Јасминка Т. Момироска