Екипата на АСП ПАК е победник на 51. издание на традиционалниот турнир во мал фудбал „Петровден – Мешеишта“, откако вечерва пред исполнети трибини во финалето убедливо ја совлада екипата на Хотел и Спа Инекс Олгица со 4:1.
АСП ПАК одигра доминантен натпревар и сосема заслужено стигна до трофејот, контролирајќи ја играта во текот на целиот меч. Стрелци за победничкиот тим беа Стефан Петрушески, Никола Угриновски и Кристијан Петкоски, кој двапати се запиша во листата на стрелците, додека единствениот погодок за Инекс Олгица всушност беше автогол.
Во натпреварот за третото место, Др. Баткоски ја совлада Златара Бени Ерол по изведување пенали со 4:3, откако во регуларниот дел резултатот беше 2:2.
По завршувањето на финалето беа доделени и индивидуалните признанија. За најдобар играч прогласен беше Стефан Петрушески (АСП ПАК), најдобар стрелец на турнирот е Оливер Дишлиески (Инекс Олгица Хотел и Спа), најдобар голман Оливер Митрески (Инекс Олгица Хотел и Спа), додека наградата за најдобар млад играч „ Јован Николоски“ замина во рацете на Љатиф Фератоски (Златара Бени Ерол).
Oрганизаторите упатија јавна благодарност до спонзорите и помагателите, а за искажаната поддршка признание му беше врачено на градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски.
Традиционално финалната вечер на турнирот “Петровден“ беше зачинета со културно уметничка програма за која се погрижија играорците од Мешеишта.
Натпреварот за третото место и големото финале беа емитувани во живо на платформите на Охридњуз, како и на Фејсбук страниците на Охридњуз и Турнирот „Петровден – Мешеишта“, овозможувајќи им на бројните љубители на фудбалот да ги проследат завршните возбудувања и надвор од трибините во Мешеишта.
АСП ПАК триумфираше на 51. турнир „Петровден – Мешеишта“ (видео+фото)
Г.М.
Фото: А. Момироска











































