Од 28 мај, четврток, со работа ќе почнат само угостителските објекти кои имаат тераси. Согласно протоколот предложен од Комисијата за заразни болести, а усвоен од Владата, во оваа фаза предвидено е угостителските објекти да работат до 20 часот. На маса ќе може да седат само по 4 лица, кои не мора да бидат од исто семејство. Ова денеска на прес конференција го изјави министерот за економија Кресник Бектеши.

Тој истакна дека протоколите за безбедност во работата на угостителските објекти се изготвени уште во време кога на сила бее мерките за ограничување на движењето и дека нема измени во истите. Како ќе се почитуваат препораките, така ќе се олабавуваат ограничувањата за работа на угостителските објекти, рече Бектеши.

Ќе ја следиме ситуацијата како ќе се почитуваат препораките и протоколите и доколку тие се почитуваат, ќе ги отвориме и објектите кои работат само во затворен простор. – додаде Бектеши.

Министерот за економија кажа дека останува мерката да се обезбедат 10 кавадратни метри за една маса, како и  другите мерки за безбедност како што се држење задолжителна физичка дистанца и дезинфекција на просторот.

Г.М.