Еколошкото здружение на граѓани „Фронт 21/42“ во последната нивна анализа посветена на загрозениот статус на Охридскиот регион во УНЕСКО и колку државата постапува согласно препораките од светската организација укажува на веќе востановената практика, легислативата да не се спроведува, одговорноста да се минимизира, доброто да се девастира.
Од „Фронт 21/42“ посочуваат дека формално има подготвеност за справување со проблемите, постои легислатива согласно препораките, но проблемот е што истата не се спроведува.
Управувањето со светското наследство во Охридскиот Регион е еден многу необичен лавиринт. И покрај свеста за одговорноста кон целиот свет и сите идни генерации, сите заложби за негово зачувување и исполнување на препораките на УНЕСКО, од страна на сите, и покрај сите планови, одлуки, заклучоци, итн. – уништувањето продолжува, додека сите посветени претставници на сите релевантни институции постапуваат во согласност со законите и своите ингеренции. – стои во анализата.

Инвентар за сега постои само како збор во Извештаите кои нашата Влада ги праќа до Центарот за светско наследство. Според Извештајот од минатата година, Министерството за транспорт и врски изработило Инвентар на дивоградби во соработка со општините и НП Галичица. Кога го побаравме – добивме одговор дека Министерството не ја поседува бараната информација. Додаваат дека е формирана Работната група која работи на ажурирање на инвентарот на бесправни градби, нивно мапирање по што ќе следи постапката на уривање. – се наведува во анализата.

Пред да се разгледува во Баку впишувањето на Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност, според Извештаите кои ги доставуваше државата, имавме законски пречки да воспоставиме Мораториум (слично како што сега имаме за оцена на влијанието врз животната средина), кои се надминаа веднаш после Баку и во август 2019 општините усвоија Одлуки за мораториум. Овие одлуки, како и усвоениот План за управување со Охридскиот Регион, очигледно не претставуваа(т) никаква пречка за новиот хотел кај ресторанот Парк, новиот хотел кај Биљанини извори, дополнителната урбанизација на Елшани, Трпејца, Коњско, итн. Урбаната и крајбрежната трансформација си продолжува, ама за разлика од претходно сега имаме План за управување со регионот, се си е во согласност со законите и успешно се спроведуваат препораките. – се посочува во анализата.
Во анализата уште се прозива актуелната министерка за култура која е воедно претседател на Националната комисија за УНЕСКО, од која се бара наместо декларативни заложби да ја следи состојбата, да предлага мерки за подобрување на состојбата, да предлага донесување на прописи и да презема мерки за управување со светското природно и културно наследство.


OhridNews












