Додека во Скопје утрово се одвиваа разговори во кабинетот на премиерот Заев со в.д. градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески, в.д. директорката на Завод и Музеј Охрид Елеонора Новакоска и претставници на здружението на граѓани „Совест“ кое ги актуелизира проблемите со реконструкцијата на Али Пашината џамија, во охридската чаршија продолжија градежните активности за изградба на минаре на сакралниот објект кој е прогласен за споменик на културата. Работите на објектот течат непречено и понатаму и покрај тоа што на барање на јавното обвинителство судот донесе мерка за забрана на градежни активности на објектот, откако истрагата и инспекцискиот надзор утврдиле голем број неправилности.

Инаку, како што соопшти владата, на средбата во кабинетот на премиерот се разговарало за наследените проблеми за спорната градба без соодветна документација на дел од верскиот објект во центарот на градот и за изнаоѓање на решенија согласно закон.

Премиерот Заев посочи дека институциите ќе постапат согласно законите и дека преку дијалог со сите засегнати страни, а имајќи ја во предвид сензитивноста на прашањето, ќе се изнајдат решенија во интерес на граѓаните на градот Охрид и на државата која останува посветена на заштита и промоција на богатото културно наследство што го поседува градот Охрид. – соопшти владината прес служба.

Како што веќе објавивме, Основното јавно обвинителство Охрид покрена постапка против повеќе физички и правни лица за незаконски активности при реконструкцијата на споменикот на култура Али Пашина џамија во старата чаршија на која се доградува минаре од 32 метри, кое претходно не постоеше на објектот, повеќе од еден век.

Обвинителството констатирало дека осомничените презеле градежни дејствија само врз основа на добиено конзерваторско одобрение во 2016 година, но не поседувале правосилно одобрение согласно прописите за градење од Министерството за транспорт и врски, без што не смееле да отпочнат активности за реконструкција на Али Пашината Џамија.

OhridNews

ОЈО Охрид покрена постапка против повеќе физички и правни лица за неправилности околу реконструкцијата на Али Пашината џамија