За Ирма Гогова, „BLUE“ е надеж по бура, песна за болката, прифаќањето и храброста да се продолжи напред. Во разговор за OhridNews, младата охриѓанка која живее во Калифорнија ја открива приказната зад песната и спотот, зборува за искуствата на американските талент-шоуа и објаснува зошто својот успех сака да го мери и со нешто повеќе од прегледи.
Од снимање меѓу песочни дини до ноќно танцување на празна улица, нејзината идеја била да создаде нешто лично, слободно и вистинско. А во таа приказна, Охрид останува домот, со Канео, малите улички и кафето покрај езерото.
ON: Ирма, „BLUE“ е пред публиката. Што ти помина низ глава кога притисна „објави“?
Ирма: Отсекогаш имав добро чувство за „BLUE“ и често си го замислував моментот кога конечно ќе кликнам „сподели“, бидејќи верувам дека песната е многу заразна и лесно влегува во уво. Затоа бев навистина среќна и возбудена што конечно можам да ја споделам со сите.
Секако, секогаш ќе има некакви критики и тоа е сосема во ред. Но, досега реакциите и резултатите се навистина одлични и многу сум среќна поради тоа.
ON: Кога би ја опишала „BLUE“ како чувство, наместо како песна, какво чувство би била?
Ирма: Ако треба да ја опишам „BLUE“ како чувство, би рекла дека е надеж по бура. Чувството кога поминуваш низ нешто што боли и ти го крши срцето, но длабоко во себе знаеш дека сè што ни се случува има цел, да нè промени и да нè поттикне да растеме.
За мене, „BLUE“ беше токму тоа да продолжам напред и да танцувам низ болката. Да си дозволам да ме боли, да чувствувам, но истовремено да го прифатам тоа што се случува, да одам со текот и да знам дека на крајот ќе излезам посилна од сето тоа.
Авторски кредити за „BLUE“: Автори: Ирма Гогова и Tolga “TOBY” Mazhar | Продукција: Tolga “TOBY” Mazhar | Дополнителна продукција: lewisinthelab | Микс: Tolga “TOBY” Mazhar | Мастеринг: Justin Perkins во Mystery Room Mastering | Официјален музички спот: Режија и снимање: Ирма и Бернардо Гарција | Монтажа: Зорица Здравковиќ
ON: Од што почна сè: еден стих, мелодија или нешто што ти се случи? Колку од тебе има во приказната?
Ирма: „BLUE“ започна еден ден кога седнавме со мојот многу добар пријател Тоби (Толга Мазхар), кој е продуцентот и креативниот двигател зад песната, и заедно ги споивме нашите таленти, мојот глас и љубовта кон пеењето со неговиот талент за музика и продукција.
Разговаравме за животот, за искуствата низ кои поминував во тој период и дојдовме до идеја да направиме песна инспирирана од тие чувства.
Поминаа доста години, па искрено не се сеќавам на секој детал од самиот почеток, но мислам дека Тоби започна со една мелодија, а потоа заедно баравме зборови кои ќе се вклопат во неа.
Некако ни дојде „Please don’t leave me blue“ и оттаму почнавме да го градиме текстот околу тоа чувство, едноставно, „не ме оставај тажна“. И така започна целата приказна.
ON: Кој кадар од спотот најмногу те претставува? Раскажи ни нешто од снимањето што не се гледа на екранот.
Ирма: Тешко ми е да издвојам само еден кадар што најмногу ме претставува, бидејќи целата идеја за спотот беше да бидам само јас — во мојот мал свет, да се забавувам, да танцувам и да продолжам напред низ сите емоции за кои пеам. Сакав да ја доловам мојата автентична страна, бидејќи ми беше многу важно во спотот да не се обидувам да бидам нешто што не сум. Затоа и целото танцување е импровизирано во моментот, без кореографија.
Снимањето беше прилично хаотично, но многу забавно. Снимавме на Imperial Sand Dunes кај Јума и имавме само околу еден час за да го фатиме зајдисонцето. За тоа време требаше да смениме неколку локации, да направиме фотографии, снимки со дрон и видеоснимки. Плус, беше лето и температурата беше над 100 °F, односно над 38 °C, па можете да замислите како изгледаше снимањето во песок — се потев, фустанот ми се лепеше, а песок имаше буквално насекаде. Но, токму тоа го направи целото искуство уште позабавно.
По зајдисонцето отидовме во Јума. Баравме некоја празна улица каде што би можеле да ги снимиме ноќните сцени и сосема случајно најдовме место осветлено со сини и розови светла. Веднаш си рековме: „This is it.“
Снимките се природни, снимени со дрон и телефон Samsung, без некоја огромна продукција зад нас. Понекогаш сè што ти треба е една луда идеја и некој што верува во неа и ќе те поддржи да ја реализираш.
И визуелно сакав спотот да ме претставува мене. Обожавам марами, па затоа ја вклучив свилената марама, а со облеката сакав да ја доловам таа комбинација на елегантност, женственост и разиграност. Не сакав премногу шминка или совршено наместена коса — сакав да изгледам природно и да се чувствувам како себе.
А на крај, целиот материјал немаше да стане спот без мојата пријателка Зорица Здравковиќ, која ги зеде сите тие снимки и ги спои во целина токму онака како што го замислував, додавајќи и свои идеи кои го направија уште подобар. Не сакав спотот да изгледа премногу совршено и исполирано, сакав да има нешто необработено, слободно и вистинско во него.
ON: Охрид — Скопје — Калифорнија. Во кој момент најсилно почувствува дека почнуваш одново? Што од Охрид секогаш носиш со себе?
Ирма: Верувам дека на некој начин почнуваме одново секој ден. Секој нов ден ни дава можност да направиме подобар избор, да бидеме подобри и да создадеме некоја нова верзија од себе.
Кога ќе погледнам наназад, го гледам мојот живот како книга со различни поглавја и различни верзии од мене. Некои од тие верзии веќе ги нема, но нивните корени сè уште се дел од мене. Секое место каде што сум живеела има свое име и свое поглавје, речиси како филм. Скопје за мене секогаш ќе бидат студентските денови, Калифорнија е едно сосема ново поглавје што допрва ќе го откривам, а Охрид е домот.
Од Охрид секогаш ја носам со себе таа некоја посебна топлина која тешко можам да ја опишам. Мал град е, луѓето сакаат да разговараат, да седнат на кафе, да го почувствуваат сонцето. Особено ми недостигаат оние зимски денови со јакна, топло кафе покрај езерото и едноставно да уживаш во моментот. Ми недостига и мирисот на печени пиперки…
Овде во Америка сè е многу пооддалечено и луѓето не пешачат толку, па често се потсетувам да не го изгубам тој дел од себе. Да излезам, да пешачам, да ја забележувам убавината околу мене, да уживам и да бидам присутна во едноставните моменти.
Затоа што знам дека ако сум во Охрид, сигурно би го земала кучето на прошетка покрај езерото, би возела велосипед или едноставно би излегла да уживам во природата. Мислам дека токму тоа чувство секогаш го носам со себе, без разлика каде сум.
ON: Што научи за себе на аудициите за „America’s Got Talent“ и „American Idol“ што не можеше да го научиш вежбајќи дома?
Ирма: Можеби мојот одговор нема да биде баш она што се очекува, но овие искуства ми покажаа една поинаква страна на шоубизнисот. Кога станува збор за големи талент-шоуа како „America’s Got Talent“ и „American Idol“, сфатив дека самиот талент е само еден дел од целата приказна. На крајот на денот, тоа е и телевизија и забава, а не секогаш само натпревар за тоа кој е најталентиран.
Кога ќе се најдеш во просторија со толку многу различни луѓе и ќе го видиш целиот процес одблиску, почнуваш малку поинаку да гледаш на работите. Ќе видиш неверојатно талентирани луѓе кои не продолжуваат понатаму, а други продолжуваат можеби затоа што нивната приказна, карактер или настап се интересни за телевизија. Тоа ме натера да сфатам што всушност значи „show business“, не е само талент, туку и шоу.
Но, најважното нешто што го научив за себе е дека не морам да чекам некое талент-шоу да ми даде можност или да ми потврди дека треба да се занимавам со музика. Денес имаме толку многу начини сами да создаваме, да објавуваме музика и да стигнеме до своја публика. Можеби токму тоа беше највредното нешто што го извлеков од целото искуство.
Во секој случај, драго ми е што го искусив тоа. Ми даде можност одблиску да видам како функционира тој свет и, на некој начин, уште повеќе ме мотивираше сама да си го градам својот пат.
ON: Сликарство, дизајн, тетоважи, музика… Дали прво ја слушаш песната или ја гледаш како слика? Како се споија тие светови во „BLUE“?
Ирма: Би рекла дека додека ја слушам песната, истовремено ја сликам и сликата во мојата глава. Кај мене тие два света некако коегзистираат и се надополнуваат еден со друг, музиката ја гради сликата, а сликата ми помага уште повеќе да ја почувствувам музиката.
Првата визија што ја имав за „BLUE“ беше токму онаа што ја споменав претходно јас како танцувам сама, боса, во свилен фустан, навечер, на празна улица осветлена само од природните улични светла. И многу ми е драго што успеав токму таа слика од мојата глава да ја пренесам и во спотот.
Но, бидејќи песната се вика „BLUE“, сакав да внесам и дневни сцени со сино небо. Отсекогаш сакав да ги посетам песочните дини Imperial Sand Dunes овде, па тоа беше совршена можност да направиме мало патување и да ја реализираме идејата. Синиот фустан, небото, песокот и контрастот меѓу сите тие елементи беа дел од визуелната слика што ја имав во глава. Дури и на насловната фотографија ми беше важно мојата тетоважа да биде видлива.
Целиот визуелен концепт беше моја замисла и мислам дека токму тука најмногу се споија сите мои различни светови, музиката, сликарството, дизајнот и тетовирањето. Наместо песната само да ја слушам, сакав и да покажам како јас ја гледам.
ON: Денес песна може да стане хит преку видео од петнаесет секунди. Ти како гледаш на тоа: можност, притисок или и двете?
Ирма: Всушност, се трудам на сè во животот да гледам како на можност — дури и на лошите искуства, бидејќи од сè можеме нешто да научиме или да создадеме.
Денес е неверојатно што само петнаесет секунди од една песна можат да стигнат до огромен број луѓе и можеби целосно да го променат патот на еден артист. Но, мислам дека луѓето понекогаш имаат претстава дека само објавуваш песна и тоа е тоа. Всушност, зад една песна има многу повеќе работа — снимање, визуелен идентитет, спот, фотографии, промоција, социјални мрежи…
Но, сега сакам да продолжам понатаму, да создавам нова музика, нешто што веројатно требаше да го направам многу порано, и едноставно да ја споделувам со светот. Ако успеам во онаа класична смисла на зборот — прекрасно, подготвена сум. Ако не, повторно ќе бидам горда на себе затоа што сум се обидела, сум создала нешто мое и сум имала храброст да го споделам.
На некој начин, за мене јас веќе успеав. Не сакам мојот успех целосно да зависи од бројки, прегледи или од тоа дали некој друг ќе одлучи дека сум „успеала“. Јас сум тука, создавам, го правам она што го сакам и на крајот од денот секогаш се имам себеси. И на тоа сум горда.
Ирма, на прва
ON: Која песна ти е на повторување деновиве?
Ирма: „Godlight“ – Noah Kahan.
ON: Кое место во Охрид ти недостига најмногу?
Ирма: Канео и малите улички што водат до него.
ON: Кој стих од „BLUE“ би го испратила некому без дополнително објаснување?
Ирма: „Remind me, baby, how it feels to be under the covers, loving each other.“
ON: По „BLUE“, каква „боја“ следи?
Ирма: Amber – килибарна.
Г.М.
Фото | Видео: Ирма Гогова















