На дочекот на Новата 1942 година, во виорот на Втората светска војна во Струга за прв пат е испеана „Денес над Македонија се раѓа“, која по осамостојувањето на државата е официјална државна химна. Стружаните Владо Малески и Стефан Опетчески  ја извеле револуционерната мелодија  пред 28 учесници во НОВ на настан кој бил организиран во најстрога тајност.

-Прво е изведена во куќата на Шутовци што постоеше до скоро во строгиот центар. -вели Сотир Опетчески, очевидец на историскиот настан.

Сотир, инаку потомок на Стефан Опетчески, историските моменти ги има овековечено во монографијата „Вистината е во букетот цвеќе“, која за прв пат е издадена пред 10 години. Иницијатор бил Владо Малески, кому му помогнал музичарот Стефан Опетчески. Тој на барање на Малески селектирал повеќе револуционерни народни песни, од кои по неколкумесечна подготовка произлегла „Денес над Македонија се раѓа“.

-Владе му рекол Стефане сега ќе се задржиме на следните песни: Букетот цвеќе што ми го даде, Ајде браќа да минеме преку Велешко, Прилепско и Крушевски, Телеграма дојде од Европа до Султанот и Орле бе орле крилато пиле. – се сеќава Сотир Опетчески.

Создавачите на македонска химна одамна не се меѓу живите, а не постои ниту куќата во која таа за прв пат била изведена. Но овој историски чин стружани не го забораваат. Тие секоја година пред новата година се сеќаваат на делото на храбрите сограѓани. По тој повод, синоќа, Заводот и музеј Незлобински од Струга го промовираше новото издание на монографијата „Вистината е во букетот цвеќе“, од Сотир Опетчески која сведочи за времето и луѓето кои ја втемелија македонска химна.

OhridNews