Советниците од коалицијата „За Македонија“ на прес конференција го обвинија мнозинството во Советот дека работи против интересот на општината и дека без причина сака да изврши промена на училишните одбори, поради што тие во средата ја напуштија 30-седница.

„Советот при конституирањето и согласно новиот закон за локална самоуправа доби улога и ги формираше училишните одбори. Сега се покренува иницијатива за нивно разрешување и именување на  нови членови, без претходно да се расправа по извештаите за работа на училишните одбори со што би се согледало дали тие работеле добро, биле или не активни, а дури потоа да бидат разрешени тие кои несовесно ја извршувале работата“, смета Спирко Николоски координатор на ЛДП.


Координаторот на СДСМ Бранко Трпчески  ги повтори обвинувањата што ги изнесе на говорницата во Советот пред напуштењето на 30 седница на коалицијата За Македонија заедно, дека во моментов Советот треба да расправа за многу посериозни теми. Според него  безбедносната состојба по последните инциденти во Охрид е нарушена, а состојбата во образованието и здравството е алармантна, поради што како што беше најавено коалиција „За Македонија заедно“ ќе иницира одржување на вонредна седница на која ќе се расправа на овие теми.

Трпчески одби да одговори зошто претседавачот со Советот, Владо Чингоски кој е член на СДСМ не ја напушти седницата со образложение дека за тоа треба да се праша Чингоски.Тој рече дека коалицијата „За Македонија заедно“ нема да ја блокира работата на Советот и ќе ги подржи сите одлуки кои се од интерес на општината, но и дека ќе се спротистави на обидите на мнозинството кое според него наметнува  одлуки и ја злоупотребува надмоќноста  во Советот.


На прашањето зошто Коалицијата не се повлече од Советот пред почетокот на 30-та седница, туку откако беа донесени Деталните урбанистички планови за повеќе реони, меѓу кои и за УЕ 7 што ја опфаќа спорната зграда на “Трим“ на булеварот “Туристичка“, Трпчески со став дека тоа било во инетерес на работата на локалната самоуправа. Слично  како претседавачот на Советот и од Коалицијата За Македонија заедно сметаат дека Советот постапил законски  при донесувањето на спорниот ДУП за УЕ 7 УМ 1. Зошто  инспекциите кои се во надлежност на општината не интервенирале и не ги спровеле судските решенија кои се однесуваат на спорната зграда, од Коалицијата За Македонија рекоа дека секој кој не постапил согласно законот треба да понесе одговорност, но не прецизираа кој треба да сноси одговорност во конкретниот случај.

Советникот од ЛДП Николовски смета дека зборот урбанистичка мафија е пресилен, но признава дека Советот со тајното гласање на ДУП за УЕ 7 Урбан модул 1, отворил оправдано сомневање во јавноста.