Kоординаторите на Вики клубовите ширум државата кои се членови на ГЛАМ Македонија, здружение кое се занимава со организирање настани поврзани со Википедија на македонски јазик, во периодот од 22.10.2021 до 24.10.2021 година, во Охрид беа дел од Вики тим билдинг. Во рамките на програмата со свои презентации се претставија неколку координатори.

Наташа Неданоска, координатор на Вики клуб Охрид се произнесе на две теми „Растежот на Вики Клуб Охрид“ и „Градење на партнерства“ чии предавања се темелеа на споделување добри практики и учење и стекнување на нови вештини во областа на Википедија овозможени и организирани од Фондацијата Викимедија.

За мене беше важно она што го работам, индивидуално и колективно со моите википедијанци, а особено со моите институционални партнери, да го споделам со моите колеги- координатори. Од друга страна имав задача со мотивирачки говор да поттикнам идни координатори да пристапат кон овој корисен волонтеризам претставувајќи им ги корисните аспекти и повеќеслојните придобивки од уредувањето на Википедија на македонски јазик. За мене е огромен успех да бидам ментор на млади луѓе кои сакаат да остават своевиден белег во општественото живеење, но уште поголема е честа да менторирам и мотивирам колеги со кои понатака очекувам соработка и координација на исто рамниште, вели Неданоска.

Валентина Трајкоска, координатор од Скопје, воедно и директор на ООУ. „Климент Охридски” од Драчево зборуваше на тема: „Википедија и врската со младите”.

Стојна Арсовска- Доневска, наставничка од Старо Нагоричане и координатор на истоимениот Вики клуб отвори дискусија за проблемите со кои се среќаваат како координатори на вики клубови, особено со настанувањето на пандемијата КОВИД-19, и предизвиците истите да се надминат. Се поведе темелна дискусија во насока на подобрување на содржините и едукативните компоненти, но и конструктивни дискусии со совети за идни планови, како на индивидуален план, така и за здружението.

На настанот присуствуваа и заинтерсирани лица за идни координатори во својата месност, па на овој тим билдинг добија и тренинг за уредување на Википедија на македонски јазик, но и насоки за водење и координирање на еден таков Вики клуб.

Во консултација со координаторите на Вики клубовите дојдовме до заклучок дека Тим Билдинг во овој период е повеќе од потребен. И навистина, тоа се покажа како одлично искуство кое од оваа година се надеваме дека ќе влезе во задолжителната годишна програма на Здружението за секоја наредна година и дека истото ќе се реализира. Лично јас сум задоволна од она што сите заедно го постигнавме на овој настан, а тоа е споделување на искуства и договор за идни планови, рече Штрковска.

Настанот, како што и започна, заврши со говор на претседателката на ГЛАМ Македонија, Снежана Штрковска, која им додели сертификати за учество на сите присутни учесници. Овој настан е во рамките на годишната програма на ГЛАМ Македонија.

OhridNews