Бројот на заразени лица од коронавирусот во Кина опаѓа, додека бројот на починати се искачи на 1.113 лица, соопшти здравствената комисија во земјата. Вчера 97 лица починаа како последица на коронавирусот во Кина, пренесува АП. Вкупно 2.015 заразени лица се потврдени во Кина во претходните 24 часа, што претставува пад на бројот на заразени веќе втор последователен ден.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека официјалното име на болеста предизвикана од новиот коронавирус е КОВИД-19.

Бидејќи до производството на вакцината можат да поминат и 18 месеци, од СЗО ги повикаа државите да се борат против болеста најагресивно што може. Од КОВИД-19 досега починале 1.113 луѓе, а повеќе од 44.000 се заразени.

Болеста која првпат беше идентификувана пред нова година во кинескиот град Вухан досега се нарекуваше коронавирус, но тоа всушност е име на цела група вируси, вклучувајќи го и САРС.