Топењето на ледените плочи и глечери во периодот од 2007 до 2017 година, речиси се совпаѓа со најекстремните предвидувања на на Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC).

Ледените плочи на Гренланд и Антарктикот, кои содржат доволно замрзната вода за подигнување на океаните  за 65 метри, ги следат најлошите сценарија на Обединетите нации за покачување на нивото на морето, соопштија истражувачите, потенцирајќи ги недостатоците во сегашните модели на климатски промени, пренесуваат светските агенции.

Климатолозите укажуваат дека двете ледени плочи додавале до 40 сантиметри вода на океаните до 2100 година, предизвикувајќи климатски промени во природата.

Ваквиот пораст на нивото на океаните би можел да има катастрофално влијание во светски рамки, зголемувајќи ја разорната моќ на невремињата и изложувајќи ги на огромен ризик од поплави крајбрежните региони каде живеат стотици милиони луѓе.

Тоа е речиси три пати повеќе од предвидувањата на средниот опсег од последниот голем извештај за проценка на IPCC издаден во 2014 година, кој предвидува пораст на нивото на морињата за 70 сантиметри од сите извори, вклучително и планински глечери и зголемување на океанската вода како последица од глобалното загревање. – предупредуваат климатолозите.

И покрај ваквото јасно несовпаѓање помеѓу реалните процеси и моделите што ги следат тие трендови, специјалниот извештај на IPCC минатата година за замрзнатите региони на планетата ги задржа истите проекции на крајот на векот за Гренланд и предвиде само мало зголемување од Антарктикот според најекстремното сценарио за емисии на стакленички гасови.

Треба да излеземе со ново најлошо сценарио за ледените плочи затоа што тие веќе се топат со голема брзина како што е во сегашноста, изјавил главниот автор на извештајот Томас Слејтер, истражувач во Центарот за поларно моделирање при Универзитетот во Лидс, пренесува АФП. Проекциите на морското ниво се клучни за да им се помогне на владите да планираат стратегија за клима, и ублажување на последиците од климатските промени, додава тој.

Ако го потцениме идното покачување на нивото на морињата, тогаш овие мерки може да бидат несоодветни и да ги направат крајбрежните заедници ранливи. – смета Слејтер.

Топењето на ледените плочи според најекстремните предвидувања на климатолозите, ќе доведе во ризик од поплави околу 50 милиони луѓе кои живеат на крајбрежјето ширум светот до средината на векот, се наведува во истражувањето на IPCC.

OhridNews