Наколно живеалиште од неолитско време со неверојатна количина на материјал како што се остатоци од камена мелница, фрагмент керамика со таканаречено графитно сликање, тегче кое најверојатно служело за разбој за ткаење или за рибарски мрежи, камена секирка, други камени орудија, дел од духовниот и уметничкиот живот на луѓето од тој период-фигурините, коскена игла и други коскени алатки, рог, остатоци од карлица и пршлен најверојатно од говеда, се само дел од пронајдените остатоци при истражувањата на археолошкиот локалитет „Пенелопа“ кој се наоѓа на просторот на поранешните бараки на „Трудбеник“ во близина на каналот Студенчишта во Охрид.

За овој локалитет знаеме од раните 2000-ти. При изградбата во модерниот дел на градот на станбени згради и на други објекти се откриени првите остатоци на наколната населба од неолитско време, позната научно како „Пенелопа“. Нашиот колега Паско Кузман е првиот кој ги регистрира тие остатоци. Подоцна со изградбата на нови објекти секогаш на просторот покрај езерото се доаѓа до остатоци на таа населба, меѓутоа секогаш било при изградба на објекти копано со механизација. Оваа година за првпат правиме сондажни истражувања за да ја доловиме стратиграфијата и сите слоеви на населбата. Имаме населба палафитна, односно народски кажано наколно живеалиште од неолитско време, за која имаме претстава дека била огромна за тој период. И секогаш имавме релативна хронологија, меѓутоа токму затоа го направивме проектов, кој е финансиран од Министерството за култура и туризам. И идејата е да се фати стратиграфски точно секој слој од кој период е, вели археологот, д-р Перо Арџанлиев.

На исто место се живеело уште од од почетоците на организирано живеење на човекот. По истражувањето, сондата ќе се врати во првобитната состојба, значи ќе ја затрупаме и тоа е заштитата на локалитетот. Бидејќи се работи за органски материјал, колци, подвижниот археолошки материјал го дислоцираме во музеј и истиот се конзервира, и лабораториски се истражуваат примероци, додава Арџанлиев.
Раководителот на проектот д-р Андреј Мачковски, археолог и дендрохронолог, посочува дека ќе следуваат кабинетски истражувања за да се види точно од кој период е наследството, но прелиминарно, вели, се чини дека е доцен неолит според слоевите до кои е стигнато при истражувањата.
Тоа би било околу 5.000-та година пред наша ера, многу грубо. Значи тука може да е плус-минус 500 години. Ќе имаме податални информации во иднина. Локалитетите наколни, особено во близина на езерото се многу значајни во праисторијата бидејќи во тие влажни седименти имаме одлична конзервација на органски материјал, што е доминантниот тип на материјал на праисториски локалитети, како дрво, коска, понекогаш може да се најде и кожа… Ние такви немаме, пред сè имаме дрво, коски, семиња, керамика. Цврсти материјали печени што ги наоѓаме и на суви локалитети. Предноста на овие крајводните локалитети е тоа што имаме добра конзервација на органски материјал. Дендрохронологија се вика дисциплината која се занимава со датирање преку годови на дрвото, која може да се комбинира со радиокарбон и дава најпрецизни податоци во датирање. Значи, може да се определи во добар случај со прецизност од година, вели Мачковски.
Моментално, вели, доминантниот начин на датирање е типолошкиот и тој е доста груб, посочувајќи примери како ран, среден, доцен неолит, кои периоди некогаш знаат да се и по 1.000 години во траење и нема точна дата.
Во овој случај сакаме со материјалот којшто го имаме најдено да направиме прецизна хронолошка одредница, што во иднина ќе овозможи и други локалитети кои се датирани само врз база материјал да може да добијат попрецизно датирање и да можеме подобро да го разбереме развојот низ разните фази на неолитот, потенцира тој.
Неолитот или младото камено време, објаснува, е период кога луѓето за првпат почнуваат да живеат во организирани населби и да се занимаваат со земјоделие и одгледување на животни. Тој начин на живот прво се јавува во денешна Анатодија, околу 9,500 години пред нашата ера и постепено се шири на запад. А најраните неолитски локалитети во Европа се на Балканот.
Овој не е најран, овој е веќе доцен неолит, но имаме порани локалитети низ државата и во државите во регионот. Тоа што е карактеристично е дека тогаш луѓето, значи во претходниве периоди во палеолитот, се ловци-собирачи. Живеат од тоа што го има во природата, собираат, ловат, но немаат постојани населби и не се занимаваат со земјоделие. Во овој период се почнува со припитомување на животни и одгледување на житарки. Значи исхраната доминантно, со тоа што го знаеме, се состои од земјоделски производи и животински. Секако дека комплементарно би се употребувала и храна од езерото, но немаме многу остатоци од рибни коски. Затоа земаме и седименти за сеење, и потоа во тие седименти поситни материјали како семки, поситни коски на пример од риба и така натаму ќе можат да бидат идентификувани. Тоа ќе се случува подоцна, тоа ќе го работат специјалисти за археоботаника и зоологија.

Н.С.Ј.
фото. А. Момироска


















