Актуелниот белоруски претседател Александар Лукашенко извојува убедлива победа со 80,2% од гласовите на изборите за шеф на државата, пред Светлана Тихановска која освоила 9,9% од гласовите, додека останатите кандидати биле под 2%, соопшти тамошната изборна комисија.

Лукашенко прогласи убедлива победа, која беше најавувана и во предизборните анкети, но изборниот штаб на Тихановска тврди дека таа имала убедлива предност при броењето на гласовите.

Непосредно по соопштувањето на резултатите во Минск избија протести, во кои најмалку едно лице го загуби животот во судирите со полицијата, а десетина се повредени, јавуваат светските агенции.

Противкандидатот на Лукашенко, Светлана Тихановска непосредно по завршувањето на изборите го напуштила својот стан и се упатила во непознат правец, откако претходно биле уапсени повеќе нејзини соработници.

Лукашенко е на власт во Белорусија уште од почетокот на деведесеттите години од минатиот век.

Г.М.