
На концертот ќе настапат солистите Софија Никоска – виолина и Иван Трајaновски-саксофон, под диригентска палка на Олег Кондратенко.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои повеќе од 32 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година. Овој ансамбл е прв и единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа и е составен од студенти на ФМУ- Скопје, но и гости музичари од други земји. Повеќе од 350 млади музичари биле дел од овој уникатен состав кој низ годините се наметна на музичката јавност не само како неопходност туку и како изведувачки состав со високи професионални квалитети. Диригенти и уметнички раководители на оркестарот биле: Ф. Муратовски, Г. Коруновски, С. Николовски-Ѓумар, В. Николовски-Ѓумар, М. Спасов, Б. Цанев, А. Ремерајт, Б. Чадловска, О. Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска, а оркестарот има постојана тенденција за промовирање на млади диригенти (Дијана Илкоска, Иван Еминовиќ). Како признание за постигнатите резултати, во 1995 оркестарот беше поканет и одржа концерт во Будимпешта по повод 50-годишнината од основањето на Светската федерација на музичка младина. Оркестарот има остварено повеќе радио и ТВ снимки, но има и сопствена ЦД продукција со издадени 5 носачи на звук.
Веќе 32 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на фестивалот „Охридско лето“, а во последните 12 години и на фестивалите „Скопско лето“ и „Битолско лето“. Од 2018 година оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар, а годинава по втор пат летната сесија на оркестарот и концертите се под раководство на истакнатиот педагог и виолинист Олег Кондратенко.
OhridNews












