Јубилејот – 1110 години од смртта на охридскиот чудотворец и патрон на Охрид, Свети Климент Охридски, е непосреден повод за подготовката и објавувањето на најновата книга на охридскиот новинар и публицист Стојан Савески, посветена на животот, делото и историското значење на, како што наведува авторот, „несомнено најзначајниот средновековен мислител“, чие дело оставило неизбришлива трага во словенската писменост, просвета и духовност.

Книгата низ три тематски целини го обработува придонесот на Свети Климент како најталентиран ученик и најдоследен продолжувач на делото на светите Кирил и Методиј. Савески потсетува дека Климент активно учествувал во Хазарската, Моравската, Панонската и Римската мисија, бил покрај Кирил при создавањето на глаголицата и учествувал во првите преводи на богослужбените книги на старословенски јазик, придонесувајќи за практичната примена и ширење на словенската писменост.

Посебно внимание е посветено на неговото хиротонисување за епископ во 893 година, кое авторот го оценува како пресвртница во историјата на средновековното христијанство. Како прв словенски епископ на Величката епархија, Свети Климент ги поставил темелите на организирана словенска црква на Балканот, а токму од тој духовен и просветен центар подоцна ќе се развие Охридската архиепископија. Наместо туѓ клер, тој почнал да ракополага домашни свештеници образувани во Охридската книжевна школа.

Во книгата се истакнува и улогата на Охридската книжевна школа како еден од најзначајните духовни и културни центри на словенскиот свет. Свети Климент во Охрид описменил повеќе од 3.500 ученици, а школата останала верна на глаголицата уште два века по нејзиното напуштање во Преслав, зачувувајќи ја јазичната традиција на солунско-охридскиот говор.

 

Савески потсетува и на откритијата на руските слависти од XIX век, предводени од Вукол Ундолски, кој во стар пергаментен ракопис прв ги идентификувал автентичните слова на Свети Климент, со што било потврдено дека тој не бил само преведувач, туку и оригинален словенски писател. Денес, славистичката наука му припишува околу 50 до 100 оригинални текстови.

Третиот дел од книгата е посветен на култот на Свети Климент во средновековната уметност. Авторот наведува дека научно се регистрирани повеќе од 130 негови претстави во Македонија, а негови фрески и икони има и во Грција, Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора, како и во други земји од поширокиот византиски и словенски простор.

Посебно место во изданието заземаат и поуките на Свети Климент, чија актуелност, според авторот, не е намалена ниту по повеќе од еден милениум. Меѓу нив ја издвојува мислата:

Преку верата ја познаваме вселената (универзумот), но верата без добри дела е мртва.

Вториот дел од оваа реченица изворно потекнува од Светото писмо, но Свети Климент ја надградува апостолската мисла, порачувајќи дека верата не смее да остане само теорија, туку треба да се потврдува преку добрина, милосрдие и дела, пишува Савески.

Поради својата просветителска, книжевна и црковна дејност, Свети Климент Охридски денес официјално се почитува како светител во голем број држави, пред сè во словенскиот и православниот свет, но и пошироко во Европа.

Печатењето на книгата е финансиски поддржано од Општина Охрид, во рамките на Програмата за проекти од јавен интерес за 2026 година, како и од Дебарско-кичевската епархија.

Г.М.
Фото: Анамарија Момироска/Архива: Стојан Савески